Подкаст како опера и мјузикл: неверојатната креативност на еден медиум

Одамна ни се немаше случено нешто да нè помрдне до толку да помислиме дека раскажувањето приказни има уште што да понуди во смисла на мултимедијалност и шареноликост. Покрај сите дигитални технологии, анимации, вакви и онакви ефекти,  излезе дека е доволно да сакаш само малку да си поиграш, излегувајќи од удобната зона на она што го познаваш.

За подкастот This American Life сме пишувале на повеќе наврати - дури 11 (да, и ние сме изненадени), и што би рекол еден наш пријател, со тоа сме придонеле барем еден човек читајќи раскажани подкаст содржини да почне и да ги слуша.

Во 2020, кога беше воведен првиот Пулицер за аудио новинарство, овој подкаст беше првиот добитник. Има нешто во смирувачкиот глас на водителот, Ајра Глас, во хуманиот пристап и во разнородноста на темите што плени. Но она што сме го пропуштиле, а се случило во 2014, е кога екипата направила епизода не во студио, туку на сцена на Бруклинската музичка академија, пред бројна публика. Со голем тим од театарски професионалци - речиси 50 пејачи, актери, танчари и музичари, за оваа прилика тие претвораат новинарски стории во различни изведувачки жанрови, од опера преку мјузикл до стенд-ап комедија. 

Резултатот е неверојатно шармантен, на моменти запрепастувачки. На пример, сторијата што го отвора настанот навидум нема ама ич „штоф“. Некоја оперска пејачка, која кога нема ангажман чита аудио книги за деца, се затворила во шифоњерот на својата хотелска соба за подобра акустика. И - не можела да излезе од таму. Навидум сосема банална, оваа ситуација се развива во неочекувани правци, за на крај на сцената да има дури 12 изведувачи кои ја пеат, свират и раскажуваат приказната. 

Следниот чин е базиран на сторија за инспекторка за наркотици инфилтрирана во средно училиште во форма на мјузикл, чие сценарио е на никој друг туку на Лин-Мануел Миранда, авторот на славниот „Хамилтон“, кој тогаш, во 2014, се уште немал статус на ѕвезда. Па дел со пресмешна стенд-ап комедија за ловење еден глушец, па малку потажна исповед за мајка и два сина од кој едниот проблематичен, па пак смеење и музика. 

Да не ви го раскажуваме, топло препорачуваме најпрвин да го слушнете без видеото (така нам ни е многу појако) а потоа да го изгледате и видеото со сета сценографија, глума и кореографија. На самиот почеток има и спешл-гест стар. Предобро.

16 септември 2022 - 16:36