Светскиот ден на книгата според календарот на УНЕСКО се одбележува на 23 април, но од нам непознати причини во Велика Британија и Ирска тоа се прави денес, првиот четврток во март. Главна целна група се децата и младите, за кои издавачите издвојуваат 14 милиони бесплатни книги, што значи по една за речиси секое дете под 18 години.
Но покрај различните манифестации, наградни игри и конкурси кои се организираат по овој повод (повеќе на официјалниот сајт на проектот), нам ни го привлече вниманието - маскирањето во книжевни ликови. Британските родители со месеци однапред мака мачат да им смислат костими на нивните деца, кројат, шијат, лепат, и некои од нив се навистина креативни. Други пак едноставно си ги купуваат готови - од „Гладната гасеница" и Вини Пу, до ликовите од Хари Потер.
Ама ако можат децата, можат и возрасните. Букбокс ве повикува да се подготвите за првоаприлски маскенбал, посветен исклучиво на книжевни ликови, автори и наслови. Прочепкајте низ шифоњерите, гуглајте, протресете ја домашната библиотека и смислете костум со кој можете да освоите награда. Се важат и апстрактни маски, ако сте доволно махери да ги визуелизирате - од „Метафизика" до „Кратка историја на времето".
Значи денот е 1. април а местото ќе го објавиме накнадно. До тогаш, ослободете ја фантазијата и споделете идеи (eве неколку тука). И не заборавајте на ликовите од македонската литература, макар и дошле со магаре со самарче во кафана.