Почина Шејмас Хини

Сметан за најголем ирски поет по В. Б. Јејтс, добитникот на Златниот венец на Струшките вечери на поезијата од 2001 и на Нобеловата за литература замина во вечните поетски ловишта на 74 години.

Првата збирка „Смртта на природословецот" ја објавува во 1965, а последната од 2010, „Човечкиот синџир", ја напиша откако доживеа мозочен удар. Заедно со Пабло Неруда, Јосиф Бродски, Томас Транстромер и Еуџенио Мoнтале, тој е еден од струшките венценосци кои имаат добиено и Нобелова за литература (во 1995), која ретко се доделува за поезија.

Во едно од последните интервјуа за Би-би-си оваа година сеќавајќи се како се чувствувал кога прв пат ја открил поезијата, изјавил: „Тоа беше како висока волтажа на јазикот, ме фрли во транс".

Еве песна од неговата прва книга, чии мотиви се врзани за детството и ирската природа, во препев на Богомил Ѓузел. 

СМРТТА НА ПРИРОДОСЛОВЕЦОТ

Цела година мочуриштето гноеше во срцето
на градската регија; таму зелено и стежнато
гниеше ленено класје, се веднеше крај бусење дрочно.
Секој ден чадеше под жолчното сонце.
Нежно гргореа кломбурци, модракот
предеше цврсто пасмо од звуци околу миризбата.
Но од се најубава беше топлата густа лига
од жабурник што се накреваше ко затната стерна
под сенките на брегот. Секоја пролет
одовде полнев теглички згуснат балган
и дома на окапникот под прозорец ги редев,
на полици в училиште, и чекав се дури
згоените точки не се отвореа во полно-
главци леки. Учителката ни кажуваше дека
жабата мажјак се вика крекач
и дека од него се слуша крекањето, дека жабата женка
фрла стотици дробни јајца и дека тоа жабурник
се нарекува. По жабите и времето може да се знае,
оти сончево е кога се жолти, а кафеави кога
дожд се спрема.
Тогаш еден спарен ден кога полето баздеше
на кравји лепешки во тревата слочкани и кога лути жаби
мочуриштето го освоија, се провирав низ бујно расје
кон див крекет што никогаш дотогаш
не сум го чул. Воздухот згуснат од хор на басови орни.
На бусени под браната, наперчени мешлести жаби;
Вратовите збувнати им пулсираа ко едра. Понекоја
ќе скокнеше леко:
плесок па клокот ко закана безочна. Други пак седеа
втренчено ко вкопани мини, им кркореа тапите глави.
Ми се смачи, се свртив и в бег здурнав. Огромните лигави
царој таму се збрале освета да кројат и знаев:
раката в жабурникот да ја брцнев не ќе ја извадев цела.

30 август 2013 - 14:53