Терминот „хомогеноцен“ постоел уште пред да се појави популарниот поим „антропоцен“, кој го опишува светот како планета обликувана од човечкото влијание. Ако антропоценот е името на епохата, хомогеноценот е една од нејзините еколошки последици: губење на локалната особеност на животот.
Ова не се однесува само на впечатливи птици и цицачи. И слатководните риби стануваат сè послични меѓу себе. Природните бариери што некогаш ги одвојувале популациите – водопади, речни сливови, температурни граници – денес се бришат од човековите активности. Крапот намерно се внесува во езера, сомови пуштени од аквариуми се населуваат во далечни реки. Истото важи и за мекотелите: илјадници видови исчезнале во последните 500 години, особено островските полжави, кои често стануваат плен на инвазивни, туѓи предатори. Некои од нив, како џиновскиот африкански полжав, денес се присутни на повеќе континенти.
Процесот на поедноставување на живиот свет започнал одамна – уште во последното ледено доба, кога ловот веројатно придонел за исчезнувањето на мамутите и другите големи цицачи. Продолжил низ холoценот, периодот по леденото доба, кога шумите се сечеле, а земјата се расчистувала за земјоделство, фарми и градови. Но во последните седумдесет години, промените драматично се забрзале.
Долго време океаните биле релативно поштедени. Денес веќе тоа не е така. Прекумерниот риболов, овозможен од технолошкиот напредок по Втората светска војна, ги исцрпува рибните фондови. Затоплувањето и губењето на кислород, поттикнати од фосилните горива, ги уништуваат коралните гребени. Голем број морски видови се принудени да мигрираат кон север или југ за да избегаат од топлината, што ги нарушува нивните животни циклуси. Дури и длабоките океани, сè уште слабо истражени, се под закана од планираното длабокоморско рударство. Како и на копно, овие процеси не значат само помалку живот, туку и негово прераспределување – бришење на старите биолошки граници.
Сепак, приказната не е целосно мрачна. Постојат случаи каде што нови, донесени видови се вклопиле во екосистемите и дури ја зголемиле локалната разновидност. Историски гледано, луѓето понекогаш и поттикнувале биодиверзитет, на пример со контролирано расчистување на вегетацијата, што им овозможувало простор на повеќе видови. Иднината сè уште не е однапред запечатена. Промени во земјоделството – со помалку земја и попаметно производство – би можеле да ослободат простор за природата. Со политики што активно ја штитат биолошката разновидност, можно е да се избегнат најцрните сценарија.
Но тоа нема да се случи само од себе. Ако сакаме идните генерации да живеат во свет богат со различни облици на живот, ќе биде потребен свесен, заеднички напор. Во спротивно, музејските полици ќе продолжат да се полнат – со тивки сведоштва за она што сме го изгубиле.