На 95 почина жената без која немаше да имаме Џи-пи-ес

За нејзиниот ангажман во доверливи проекти на американската влада до скоро не знаеле ни нејзините сопствени деца. Била жена, Афроамериканка, талентирана математичарка, која најпрвин со дигитрон, а потоа со првите појаки компјутери успеала да изработи прецизни математички модели за формата на Земјата, земајќи ја предвид гравитацијата и неправилностите на обликот на планетата.

Гледис Меј Вест е родена во 1930 година во рурална Вирџинија, пораснала работејќи на тутунска фарма, а почина неодамна на 95-годишна возраст како призната математичарка чии истражувања ја направија можна GPS-технологијата што секојдневно ја користиме.

За да избега од тешката земјоделска работа, како најдобра ученичка во генерацијата освоила стипендија за студии на државниот колеџ во Вирџинија. Таму, во време кога жените во ова поле биле реткост, дипломирала и магистрирала математика, кратко време предавала, а потоа се вработила во поморска база.

На почетокот се истакнала со проверка на точноста на табелите за бомбардирање, користејќи само рачен калкулатор, по што била вклучена во тимот за компјутерско програмирање. Во раните шеесетти години, кога програмирањето не значело пишување код, туку внимателно внесување перфорирани картички во огромни компјутери. Вест и нејзините колеги работеле на IBM 7030, познат како „Стреч“, кој неколку години бил најбрзиот компјутер во светот.

Иако чинел еквивалент на денешни 82 милиони долари, ниеден друг компјутер немал доволна моќ да ја изврши задачата за пресметување на прецизната форма на Земјата, земајќи ги предвид гравитацијата и карактеристиките на океаните. Околу една деценија подоцна, тие пресметки ги искористил друг тим научници при изработката на моделот на Светскиот геодетски систем, кој и денес го користат GPS-сателитите. Без работата на Вест, GPS-технологијата онаква каква што ја знаеме денес не би постоела.

Вест не само што била жена туку и Афроамериканка, една од само четири такви математичарки вработени во морнарицата во Далгрен. Ваквите животни приказни добија поголемо внимание по успехот на филмот „Скриени цифри“ од 2016 година (за што подетално пишувавме тука), кој зборува за црните математичарки во НАСА за време на Вселенската трка. Иако таа лично не е дел од филмот, тој фрли светлина на значајната доверлива работа која ја вршеле жени како нејзе, за која не знаеле дури ни нејзините деца. Дури во 2018 година, кога ги навела тие податоци во биографски формулар за настан организиран од нејзиното студентско сестринство, нејзиниот придонес станал јавно познат. Последните години од животот ги поминала како јавна личност, барана од научници и новинари заинтересирани за придонесите на уште една до тогаш „скриена фигура“. Сепак, на прашањата дали користи GPS, таа одговарала дека и натаму повеќе сака старата, хартиена мапа.

29 јануари 2026 - 08:32