Во 1935, воочи Втората светска војна, Америка била свесна дека мора да вложува во развој на аеронаутиката, што подразбирало и голема потреба од математичари. Во аеронаутичката лабораторија Ленгли во Хемптон, Вирџинија, таа година е формирана група таканаречени „човечки компјутери“, кои рачно ги вршеле пресметките кои им биле потребни на инженерите. Се работело за стотици образовани и математички вешти жени, кои децении пред дигиталното доба имале одговорна улога во одредувањето на насоките на вселенските истражувања.
Голем број од овие „пресметувачи“ до скоро беа заборавени, што заради родови, што заради расни причини. Имено, еден цел оддел тн. „западни компјутери“, бил составен исклучиво од црнкињи. Иако нивниот пристап до федералните институции и таквите кои се занимаваат со воени проекти бил овозможен со посебна наредба на Рузвелт издадена во 1941, тие и подоцна останале сегрегирани од белите колеги и колешки, јаделе на посебни маси во мензата на кои стоел знак „Обоени компјутери“, па дури и оделе во посебен тоалет. Во седиштето на Националниот советодавен комитет за аеронаутика, она што подоцна ќе прерасне во НАСА, тие работеле на различни проекти без да го знаат, од безбедносни причини, поширокиот контекст. И самите несвесни за тоа, придонеле кон подобриот дизајн на воените летечки машини, правејќи ги побрзи и побезбедни. Но наскоро тие ќе бидат ангажирани и на уште посложени проекти, кои имаат врска со обидот САД да ја добие вселенската трка на сметка на Русија.
Маргот Ли Шетерли во нејзината книга „Скриени цифри: американскиот сон и нераскажаната приказна за црните жени-матиматичарки кои помогнале да се победи во вселенската трка“ (2016), по долгогодишно истражување на документи, новински исечоци и сведоштва прикажува дел од оваа историја, која подоцна стана основа и за истоимениот филм. Таа живеела недалеку од Ленгли, а нејзиниот татко работел таму како стажант, станувајќи познат климатолог. Сепак, за разлика од мажите, жените-научници и пресметувачи не го добивале заслуженото признание во академските публикации и во извештаите. Освен тоа, обичаите од тоа време подразбирале дека штом жената ќе се омажи и ќе има деца таа се „пензионира“ од дотогашните работни обврски и го продолжува животот како домаќинка.
Така, најпрвин Ленгли а потоа и НАСА станале поле не само за научен натпревар, туку и за биење мали но значајни родови и расни битки. Новиот филм, кој се одвива во 1961, прикажува судбина на три црни жени - Дороти Вон, Мери Џексон и Кетрин Џонсон, кои меѓу другото учествувале во пресметките за Проектот Меркур, првиот вселенски лет со човечки екипаж на САД. Џон Глен тогаш три пати орбитира околу Земјата на 5 мај 1961, помалку од еден месец откако СССР во вселената успеа да го испрати (и врати) Јуриј Гагарин.
Филмот е од жанрот „фил гуд“, но дава добар увид во технолошкиот и социјален контекст на шеесетите, истовремено потсетувајќи дека нема една, туку повеќе, често скриени истории, кои преку филмот можат многу подобро да се промовираат отколку преку кој и да е друг медиум. Бонус: Кевин Костнер и Шелдон како дел од инженерската екипа на НАСА.