Дезмонд Дос, припадник на христијанската заедница Адвентисти на седмиот ден, и покрај тоа што доброволно се пријавил во американската армоја во текот на Втората светска војна, одбивал да носи оружје од каков и да е вид, повикувајќи се на своето уставно право на „приговор на совеста“.
Тој можел да биде ослободен од обврската да служи, затоа што работел на изградба на бродови. Но по пријавувањето на неговиот брат во армијата, и покрај острото противење на таткото кој се борел во Првата светска војна и доживеал тешки трауми, сепак одлучува да замине, не за да одзема, туку за да спасува животи. Во филмот го гледаме периодот кога учествува во инвазијата на островот Окинава, кој Американците сакале да го освојат за потоа да го искористат како воздушна база за напади.
Мел Гибсон, режисерот на „Хоксоу Риџ“, бил инспириран да го направи филмот откако го видел документарецот за вистинскиот Дезмонд, кој починал на 86 години во 2006. Човекот кого најпрвин намерно го распоредиле во вооружената пешадија, мислејќи дека притисокот од другите војници ќе го предомисли, кого погрдно го нарекувале „Холи Џизс“ затоа што постојано го носел Светото писмо со себе и се молел пред спиење (плус не сакал да работи во саботи), наместо кукавица за каков сите го мислеле, испаднал многу похрабар од неговите вооружени колеги.
При првото неуспешно освојување на Хоксоу Риџ, кога американската армија таму доживеала вистински масакр, тој останал на боиштето откако сите се повлекле, обидувајќи се сосема сам да ги евакуира ранетите. Притоа, од високата карпа каде се одвивала битката до спасувачките служби во подножјето на ридот каде се воделе крвавите судири, успеал да спушти и неколку ранети Јапонци. Како имал сила за ова? „После секој пренесен ранет, го молев Господа, само уште еден. Само уште еден“, вели тој во документарецот.
Заради ова, Дос е првиот „приговарач“ кој добива Орден за храброст од претседателот Хари Труман во 1945. Сепак, како што е прикажано и во сцените на неговото првично судење заради одбивање на наредба да се фати за пушка, тој не го сакал овој израз. „Јас сум повеќе соработник, а не приговарач на совеста“, изјавил тој, укажувајќи на тоа дека неговиот проблем е оружјето, а не служењето за неговата држава.
„Приговорот на совеста“ како основа за одбивање регрутација беше актуелна и кај нас, главно од страна на припадниците на Јеховините сведоци, но и на активисти со анти-милитаристички убедувања. Според истражување објавено 2006, приговарачите на совест од независност на Македонија па до 2001 имале поинато 383 денови во затвор, а еден од нив седум пати е последователно суден. Таа 2001 година прв пат во историјата е признаено правото на приговор на совеста во Македонија.
Тука целиот документарец за Дезмонд Дос, кој ако не сте го гледале два и кусур часа долгиот, но моќен (и прилично крвав) филм на Гибсон, сигурно ќе ве инспирира да го сторите тоа.