Германските фабрики се селат во Унгарија и Србија

Германски компании затвораат погони во својата земја и го префрлаат производството во нови модерни фабрики во Унгарија и во Србија. Тие нудат поевтина и висококвалификувана работна сила и разни бирократски и даночни олеснувања. И Кинезите отвораат погони во индустриската зона на потегот Будимпешта-Белград, која ја поврзуваат со брзи возови.

Погодени од енергетската криза, скапата струја и бирократските ограничувања, гиганти како БМВ, Хенкел и ФЗ во изминатите неколку години затворија фабрики во германските индустриски центри со долга традиција. Во исто време инвестираат милијарди евра во најсовремени фабрички хали во Дебрецен, Кечкемет и Мишколц во Унгарија или во Нови Сад и Панчево во Србија. Таму се префрла производството од делови за автомобили до лепила. Главниот магнет е пониската цена на трудот, но и односот на владите, кои нудат разни поволности во агресивните настојувања да привлечат странски инвеститори.

Во 2023 година британско-германскиот производител на автомобилски делови GKN Driveline ја затвори својата фабрика во Цвикау-Мозел за погонски вратила за БМВ, Мерцедес и Ламборгини. Како причина за заминувањето, компанијата ги наведе „структурните промени во автомобилската индустрија, падот на цените и зголемувањето на трошоците“. GKN тогаш премолчи дека во исто време гради нова фабрика за вратила во Мишколц, субвенционирана со даночни олеснувања и грантови од унгарската влада. 

Кон крајот на 2024 година, Хенкел ја затвори својата фабрика во близина на Дрезден. Производството на лепаци за мебел, автомобили и прехранбена индустрија го сели во Крње во Унгарија. БМВ лани во Дебрецен ја отвори својата прва нова европска фабрика по две децении. Инвестираше над 2 милијарди евра во најсовремен погон за производство електрични возила од новата класа и создаде повеќе од 2.000 работни места. Мерцедес-Бенц најави инвестиција од 1 милијарда евра во фабриката во Кечкемет заради дуплирање на производството на 200.000 автомобили годишно. Производството во германските фабрики го намалува за 100.000 возила.

Главниот финансиски директор Харалд Вилхелм отворено ја објасни стратегијата: уделот на производството во земјите со пониски трошоци треба да се зголеми од 15% во 2023 година на 30% до 2030 година. Трошоците за производство во Унгарија се приближно 70% пониски отколку во Германија.

Србија, која не е членка на ЕУ, исто така привлекува германски  индустрии. Во 2023 година Континентал отвори најсовремена фабрика за електроника, дисплеи и инфозабавни системи во Каќ близу Нови Сад. Инвестираше околу 150 милиони евра и ќе создаде 1.500 работни места. ZF во фабрика во Панчево од 2019 година произведува електрични мотори и компоненти за менувачи, а од 2023 година и електроника за хибридни возила. Специјалистот за издувни системи Бојсен ја отвори својата најголема странска фабрика во Суботица за комплетни ауспуси за Мерцедес и Ауди. Инвестицијата е 65 милиони евра и обезбедува 500 работни места.

Србија нуди единствена предност. Земјата има договори за слободна трговија со ЕУ, Евроазиската економска унија, Турција, Британија и со Кина. Стоките произведени во Србија може да се извезуваат без царина на пазари со вкупно 2,7 милијарди потрошувачи. Во 15 специјални економски зони, компаниите исто така имаат корист од увоз на материјали и машини без царина, како и од даночни ослободувања.

За многу компании, производството во Германија едноставно повеќе не е профитабилно. Најочигледната причина е разликата во платите.

  • Индустриски работник во Унгарија заработува просечно околу 1.500 евра бруто месечно - во Германија над 4.600 евра.
  • Унгарија има најниска стапка на корпоративен данок во ЕУ од 9% - во Германија ефективното даночно оптоварување за компаниите е околу 30%.
  • Унгарија лани имала најевтина струја од 10 центи за киловат час – во Германија компаниите плаќале од 13 до 18 центи.

Прописите на ЕУ за државна помош ги ограничуваат субвенциите на 50 проценти од потрошувачката и бараат најмалку половина од добиените средства да бидат инвестирани во декарбонизација.

Во Германија инвеститорите се соочуваат со бирократски пречки, а во Унгарија и Србија се пречекуваат со отворени раце: процедурите се забрзуваат, а проблемите се решаваат прагматично. Владата на Виктор Орбан агресивно привлекува странски инвеститори. За големи проекти нуди субвенции, даночни олеснувања, прифатливо градежно земјиште и забрзано издавање дозволи.

Регионот помеѓу Будимпешта и Белград привлекува и кинески инвестиции. Производител на електрични автомобили BYD ја гради својата прва европска фабрика во Сегед, близу српската граница. Унгарската влада го промовира проектот како една од најголемите инвестиции во историјата на земјата. Железничката линија финансирана од Кина помеѓу Белград и Будимпешта има за цел да ја подобри логистиката.

29 јануари 2026 - 16:12