Ај лав мај Ти-ви: 100 години од раѓањето на телевизијата

Човекот кој прв јавно прикажал телевизиска снимка бил Џон Логи Берд, поранешен инженерски приправник од шкотскиот град Хеленсбург. Иако неколку места со право можат да се наречат „родно место“ на овој изум, најчесто се прифаќа дека пресудниот момент се случил на 26 јануари 1926 година, кога Берд им одржал демонстрација на новинарите во лондонскиот Сохо.

Берд можел и никогаш да не стигне од мало место во Шкотска до Лондон ако не бил болежливо дете. Кога избувнала Првата светска војна, сакал да се пријави во војска, но бил одбиен поради здравствени причини, па наместо тоа работел во електрична компанија помагајќи во производство на муниција.

Во 1923 година, заради поблага клима, се преселил на јужниот брег на Англија и изнајмил соби во Хејстингс. Токму таму ја склопил првата опрема за пренос на телевизиски сигнал, направена од необични делови како кутија за шешир, сандак за чај, игли за крпење и леќи од велосипедски светилки. Првата „слика“ што успеал да ја пренесе била силуета на медал од Сент Џон Амбуланс, со препознатлива форма, кој и денес се чува во музејот во Хејстингс. Зошто токму тоа? Веројатно на Берд му требало предмет со рефлективна површина и остри, констрастни бои. Tокму тоа го нашол во овој медал кој му припаѓал на доктор кој живеел близу работилницата.

Но експериментите биле опасни: по електричен удар од 1000 волти, кој за среќа завршил само со изгореница на раката, газдата го замолил да се исели.

Во ноември 1924 година Берд се преселил во Лондон, решен да го презентира својот изум. Отворил мала работилница каде еден од посетителите бил и познатиот трговец Гордон Селфриџ, кој го поканил Берд да одржува демонстрации во неговата стоковна куќа, за време на роденденската недела на продавницата. Три пати дневно, пред долги редици љубопитни посетители, тој прикажувал контури од облици што се пренесувале од друг уред, неколку метри подалеку. Во оваа фаза неговиот „Телевизор“ бил електромеханички – сликите се создавале со ротирачки дискови со леќи и дупчиња. Публиката била импресионирана, а Берд заработил околу 60 фунти, кои веднаш ги вложил во развојот.

До октомври 1925 година успеал да пренесува слика со разлики меѓу светлина и сенка. Прво користел кукла на стомакозборец, наречена Стоуки Бил, затоа што имала појасен контраст од човечко лице и не можела да настрада од силната топлина или од евентуално пукање на стаклото. Подоцна, со голем ентузијазам, поканил и прв човек да застане пред камерата – 20-годишниот службеник Вилијам Тејнтон. Иако не бил воодушевен, мал надомест го убедил тој да седне меѓу кабли и жешки ламби и да го исплази јазикот. Во тој момент Берд извикал дека конечно ја „видел“ телевизијата. Кога во 1951 година била поставена спомен-плоча на зградата, токму Вилијам бил повикан да ја открие.

На 26 јануари 1926 година се одржала првата официјална демонстрација пред печатот. Новинари и гости биле примени во мали групи, најпрво ја виделе куклата на екранот, а потоа и своите сопствени лица, пренесени од соседна просторија. Само еден посетител поминал лошо, кога се доближил премногу до ротирачките дискови и си ја засекол брадата. Повеќето присутни не биле особено импресионирани и не ја согледале важноста на настанот, иако весникот Тајмс објавил краток напис два дена подоцна.

Денес, на зградата на Фрит Стрит 22 каде се одржала презентацијата е дом на ретро-кафуле има спомен-плоча што ја означува како местото на првата јавна демонстрација на жива телевизија.

Берд бил неуморен пронаоѓач. Во 1927 година ја развил Фоновизија – снимање слика на грамофонски плочи – и Ноктовизија, инфрацрвена телевизија. Во 1928 година, неверојатно за времето, демонстрирал и телевизија во боја и тродимензионална слика. Неговата цел била емитување преку Би-би-си, што започнало експериментално во 1930 година.

Но во раните 1930-ти се појавила силна конкуренција од компанијата ЕМИ, а потоа и од системот Маркони-ЕМИ. Системот на Берд брзо бил напуштен. Пожарот во Кристал Палас ги уништил неговите студија, а Втората светска војна го прекинала емитувањето. Болеста го стигнала и Берд починал од мозочен удар на 57 години, само една недела по обновувањето на телевизиската програма во 1946 година.

Иако неговата ѕвезда со време избледела, Џон Логи Берд останува запаметен како човекот што ја направил можна една од најважните пронајдоци на 20 век.

30 јануари 2026 - 10:33