Џек Едвардс е феномен на современата книжевна сцена: млад човек кој не пишува критики за престижни списанија, туку од ТикТок и Јутјуб го обликува читачкиот вкус на милиони (главно млади) луѓе. Во комерцијална смисла, тој е веројатно највлијателниот книжевен критичар денес – доволно е да пофали некоја книга за таа веднаш да се појави во излози и да се бара примерок повеќе. Неговиот ентузијазам може да оживее и одамна заборавени дела, како кога една позитивна рецензија за краткиот расказ („Бели ноќи“) од Достоевски почна да ги празни дури и магацините со заборавени изданија (за што претходно пишувавме тука).
Едвардс започнал како тинејџер со обични влогови за секојдневието и учењето, но вистинскиот подем го доживеал кога почнал да студира книжевност на Универзитетот во Дарем. Неговите видеа за студентскиот живот станале толку популарни што дури и универзитетот го почувствувал „ефектот Џек Едвардс“. Подоцна, кога не бил примен на магистерски студии на Оксфорд, објавил видео во кое плаче – искрен, ранлив момент што дополнително ја зацврстил неговата врска со публиката.
По дипломирањето, во време на пандемија, се нашол во неизвесност: без работа, без јасна патека, но со силна платформа. Наместо класична кариера во издаваштвото, се претворил во професионален книжевен инфлуенсер. На Јутјуб има околу 1.5 милион претплатници, но во моментов гради и поконкретна заедница преку својот книжевен клуб Инклингс. Во моментов работи на својот прв, историски роман.
Пуштивме неколку видеа и, имајќи го предвид сиот генерациски јаз кои стои меѓу нас и 27 годишен јутјубер, се откажавме некаде на петтото, посветено на класиците. „Сакате да читате книга за анатомија на кит? Не? Ни јас“ - гласи неговата „книжевна критика“ на Моби Дик. Во 18 минути тој ги категоризира класиците (Гетсби, Доријан Греј, Ловец во 'ржта...) во „6 од 5 ѕвезди“, „Мислам дека нешто ми падна...вилицата“, „Класици со платнена корица“, „Не би го посакал ни на најлошиот непријател“ и „Исфрли го од книжевниот канон“. „Моби Дик“ според него припаѓа на претпоследното.
Пред една година има објавено видео во кое во една реченица ги опишува сите 116 книги што ги прочитал во 2024. Една од нив, за книга од добитничка на Пулицер (Мери Оливер) гласи: „Секоја прочитана реченица од оваа книга си ја замислував тетовирана на рака“. Има и видеа кои ги коментираат читачките вкусови на познатите, на пример „анализа“ на книги што ги спомнал во интервјуа или отворено ги препорачувал Хери Стајлс.
Teкстов би требало да заврши со нешто како „па добро, барем зборува за книги а не за други глупости“, ама тешко ни е да го замислиме истетовирано каде било на тело.