Има разни фини, глупи па дури и опасни трендови на ТикТок, „напумпани“ поради агресивна реклама на инфлуенсери кои застапуваат компании, или поттикнати навидум „од ништо“ - како мега-популарните рецепти со жива краставица на извесен Логан Мофит (главно обична сецкана краставичка со зачини), што му донесоа 6.9 милиони следбеници.
Но понекогаш од такви, неразбирливи причини, вирална на социјалните мрежи станува - книга. Во текот на 2024 тоа беше „Бели ноќи“ на Достоевски, неговата новела напишана во 1848, на почетокот на творештвото. Таа е раскажана во прво лице од неименуван наратор, млад маж кој живее во Санкт Петерсбург и кој страда од осаменост. Се заљубува во Настенка, која не му возвраќа со истиот жар, бидејќи ѝ недостасува љубовникот, кому конечно му се враќа. На крајот на книгата таа му праќа писмо на нејзиниот обожавател, во кое му се извинува што му ги повредила чувствата, а тој ѝ возвраќа со благослови и желби за среќен брак, благодарен што му овозможила барем неколку убави моменти. „Нели е еден таков миг доволен за еден цел човечки живот?“ - прашува тој.
Во 2024 книгата во издание на Пингвин класикс беше четвртата најпродавото преводно издание во Британија. Ова се должи на фактот што од декември минатата година „Бели ноќи“ е постојано на БукТок и инстаграм паралелата, Букстаграм. Пребарувањето на овој наслов на платформите дава страници и страници осврти, цитати и фотографии од книгата до шољи чај. Постојат дури и плејлисти „Спотифај Бели ноќи“, полни со Чајковски и Шостакович. Читателите велат дека се магепсани од љубовната приказна која им го крши срцето.
Можеби токму овој елемент, љубовниот, е клучниот кој од оваа книга направи феномен. Особено затоа што главниот протагонист го романтизира својот живот без поткрепа во реалноста, што пак се поврзува со феноменот наречен „синдром на главниот лик“ - кога некој мисли за себе како за протагонист во фиктивна верзија на сопствениот живот. Прилично атрактивен начин да се биде во свет кој не секогаш дозволува ваков луксуз.
Но има и еден друг поважен - тоа што таа има само 80 страници. Ваквите дела се посакувани бидејќи Буктокерите можат со пократки книги сепак да ја исполнат „квотата“ прочитани во текот на годината, користејќи платформи за следење на бројот на „поминати“ книги кои можат да бидат и јавни.
Види претходно (2022) 70 милијарди постови: феноменот на Букток