„БукТок“ е име измислено од корисниците за содржините на ТикТок поврзани со книги, од видеа во кои тие ги коментираат купчињата кои им се за читање, до плачење во живо на емотивни романи. Овие содржини секако не се нови, но во последно време самата платформа ја промовира оваа заедница, проценувајќи дека БукТок хаштагот се појавува на повеќе од 70 милијарди (да, да) постови.
Обично клипче со препорака на книга од само пет секунди има потенцијал да стане вирално, да влијае врз продажбата и топ листите на бестселери низ целиот свет, феномен кој Гардијан веќе го нарече „ефектот на БукТок“. Очигледно ова е сила која веќе не може да биде игнорирана од издаваштвото, дури и од она „од високото добро утро“. Платформата воспоставува и литературни клубови, а летово во Лондон беше организиран и БукТок фестивал. Во САД големиот продавач Барнес и Нобл во партнерство со ТикТок го покрена БукТок предизвикот, кој заврши на 31 август, а кој подразбираше откривање и читање нови книги и автори а потоа споделување на коментари користејќи го хаштагот на предизвикот.
Читателите повторно ги откриваат класиците, но и сосема непознати имиња кои без оваа мрежа најверојатно би останале на маргините. На пример, цела измината 2022 на врвот на британските листи на бестселери е американски роман за млади под наслов „Завршува со нас“, чија авторка, Колин Хувер е 42-годишна поранешна социјална работничка од Тексас. Нејзината книга првично била објавена во 2016, но читателите ја откриле дури минатата година кога некој постирал позитивна критика за неа, шмркајќи и бришејќи солзи дур ја читал. Сега таа има продадено неверојатни 427.000 примероци само во Британија, што е рекорд за книга од тој жанр. Сепак, популарни на БукТок не се само тинејџ романси. Голем број постови од оваа година се посветени на „Улис“ на Џојс и на „Песната на Ахил“ на Медлин Милер.
Дали е ова само минлив бран кој ќе се сведе на тоа да збогати десетина автори, и корисниците да прочитаат пар книги, останува да се види. Во моментов секој кој сака да биде поблиску до помладата публика, особено во англиските говорни подрачја, изгледа мора да го земе БукТок предвид.