Како метеоролошка ракета за малку ќе предизвикала нуклеарна војна

На 25 јануари 1995 година, една наизглед рутинска научна мисија од Норвешка речиси го довела светот на раб на нуклеарна катастрофа. Ракета лансирана за истражување на северната светлина (аурора бореалис) била погрешно протолкувана од руските воени радари како нуклеарен проектил насочен кон Москва.

На студен зимски ден во 1995, техничарите на радарските станици во северна Русија забележале сигнал кој бргу се интензивирал – ракета лансирана од норвешкиот брег. Во атмосферата на сè уште свежата Студена војна, сценариото изгледало застрашувачко: еден единствен проектил од американска подморница во тие води можел да донесе осум нуклеарни боеви глави до Москва за помалку од 15 минути.

Информацијата експресно стигнала до тогашниот руски претседател Борис Елцин, кој станал првиот светски лидер што во реална криза го активирал т.н. „нуклеарен куфер“ – системот што овозможува издавање наредба за нуклеарен одговор. Во тие напнати моменти, Елцин и неговите советници морале да одлучат дали Русија ќе возврати со нуклеарен напад.

За среќа, најлошото сценарио не се остварило. По нешто повеќе од еден час неизвесност, било утврдено дека не станува збор за напад. Светските финансиски пазари кратко се затресле, а новинарите, политичарите и воените структури во паника се обидувале да дознаат што точно се случува. На крајот, руската агенција Интерфакс ја корегирала првичната информација: ракетата навистина била регистрирана од системите за рано предупредување, но слетала во норвешки води.

Подоцна, норвешките власти потврдиле дека станува збор за цивилна научна ракета, лансирана од истражувачкиот центар Андоја, со цел да се проучува аурората. Ракетата паднала во морето близу архипелагот Шпицберген, далеку од рускиот воздушен простор. Иронично, Норвешка уште неколку недели претходно дипломатски ја информирала Москва за планираното лансирање, но таа порака очигледно отишла во пандан на денешниот „спам“.

Норвешкиот научник Колбјорн Адолфсен подоцна изјавил дека бил шокиран од реакцијата. Тој претпоставил дека Русија реагирала бурно затоа што ракетата овојпат достигнала невообичаено висока балистичка траекторија – над 900 километри – иако тоа било дел од експериментот.

Инцидентот ја открил длабоката несигурност што сè уште постоела во руските воени структури, иако Студената војна формално завршила. Тој бил само еден во долгата низа „за малку“ катастрофи од нуклеарната ера – од Кубанската ракетна криза, преку лажни аларми предизвикани од технички грешки, па сè до изгубени или случајно испуштени нуклеарни бомби.

Елцин подоцна изјавил дека го отворил нуклеарниот куфер затоа што некој „можеби сакал да ја тестира Русија“, додека дел од аналитичарите сметаат дека настанот бил најопасниот момент во историјата на нуклеарното оружје. Други, пак, го минимизирале ризикот, тврдејќи дека никогаш немало реална шанса Русија да возврати со нуклеарен напад врз основа на еден единствен сигнал.

Пет дена подоцна, официјална Москва соопштила дека станувало збор за „недоразбирање“ кое не смее да се повтори, а Норвешка не била обвинета. Но случајот останува вознемирувачки потсетник колку светот понекогаш бил – и можеби сè уште е – опасно блиску до самоуништување, поради една погрешно протолкувана точка на радарот.

31 јануари 2026 - 10:29