„Оди фаќај трева!“, популарниот онлајн израз меѓу младите, најчесто се користи како навреда – начин некого да му се каже дека е премногу внесен во интернет-драми, фандоми, теории на заговор или дури и академски дебати, и дека му треба пауза од екранот. Во онлајн расправи звучи покровителски, па дури и навредливо, но понекогаш може да биде и поблага опомена: смири се, излези надвор, потсети се на реалниот свет. Сè зависи од контекстот.
Како и многу интернет-изрази на тн. генерацијата „зумери“, и овој нема јасен „роденден“. Се смета дека потекнува од гејмерската култура во средината на 2010-тите, меѓу луѓе кои минувале часови пред екрани, далеку од сонце и природа. Изразот почнува да се појавува на Твитер уште околу 2015 година, но вистински станува популарен за време на пандемијата, кога многумина беа затворени дома и постојано онлајн. До 2021 веќе беше мејнстрим, а во 2024 дури инспирира и модна ревија: брендот Колина страда на Њујоршката модна недела претстави шоу со наслов „Touch Grass“, со модели што чекореа по вистинска тревна прекривка. Тогаш дизајнерката Хилари Тејмор објасни дека идејата била поврзана со смирувачката и приземјувачка моќ на природата во свет полн со хаос и неизвесност.
Иако често се користи за да се „олади“ онлајн расправија, „touch grass“ допира и до подлабоки стравови – за прекумерната употреба на социјалните мрежи и губењето на контактот со природата. Истражувањата покажуваат дека многу млади поминуваат и по осум или девет часа дневно на смартфон, додека просечниот корисник минува неколку часа дневно на социјални мрежи. Постојат и бројни студии што ги поврзуваат тие навики со анксиозност, депресија и други ментални проблеми, а големите платформи веќе се соочуваат со тужби поради можната штета врз младите.
Интересно е што буквалното „допирање трева“, односно престојот во природа, може да биде дел од решението. Истражувањата покажуваат дека времето поминато на отворено го подобрува менталното здравје, сонот, когнитивните способности, па дури и здравјето на срцето. Во Јапонија постои поимот шинрин-јоку или „шумско капење“ – практика на престој во шума без дигитални уреди. Докажано е дека ваквото искуство го намалува кортизолот, хормонот на стресот.
Крајот на текстов е вистинското место да речеме - одете, фаќајте трева!