Во 1946 Орвел - до сега познат како пицајзла кога станува збор за подготвување англиски чај - напишал есеј за британската кујна, нарачан од Британскиот совет. Но кога нарачателот го добил текстот одлучил дека би било „нерационално“ да се објави, и затоа што тоа би било многу брзо по гладната зима истата година, но и заради „непатриотските“ ставови на Орвел кон сопственото прехранбено наследство.
Нешто повеќе од 70 години подоцна, Советот формално му се извинува на Орвел, објавувајќи го есејот во целост, заедно со „несреќното писмо на одбивање“. Во него авторот ја опишува храната на својата земја како „едноставна, прилично тешка, веројатно и по малку варварска...со главен акцент на шеќери и животински масти. Евтините ресторани во Британија се речиси сите лоши, додека во скапите јадењата се секогаш француски, или нивна имитација“. Истовремено, тој им замера на своите сограѓани што не го третираат зеленчукот со „соодветна сериозност“, а укажува и на нешто што уште во негово време преминувало во национална епидемија на зависност од шеќер (за што претходно пишувавме во „Орвел за данокот на шеќер“)
За волја на вистината, Орвел има и пар пофалби за начинот на кој се готвело пред војната во Британија. Ги спомнува студените меса, сирењата, разните видови леб, јоркширскиот пудинг, сувите овошја и големиот број џемови и мармалади. Дури вклучува и рецепт за мармалад од портокал (рендан), велшки рербит (нешто како наши пржени лепчиња, ама со топено сирење одозгора, слика горе), колач со сливи и божикен пудинг.
Иако е критички настроен кон британското готвење особено она кое им се претставува како такво на странци, признава дека тоа најдобро се проучува во приватните куќи, помеѓу средната и работничката класа чиј вкус не е европеизиран. Така, ова е истовремено и повик тие да ги отворат вратите од своите домови и кујни за туѓинците, ако веќе не сакаат нивната кујна да биде погрешно сфатена.
Целиот есеј тука