„Дебелиот Европеец станува подебел. Неговите заби скапуваат од шеќерот во неговата Кока-кола и во неговите чоколади. Тој ги храни неговите деца со леб и макарони, наместо со киноа и кускус. Време е да се репне дебелиот човек - тој мора да научи да не јаде шеќери" - вака почнува остриот текст објавен во британскиот „Спектатор" веднаш по најавата на Озборн.
Данокот на шеќер во овој текст се нарекува „данок на сиромашните", бидејќи оние кои ќе бидат најмногу погодени од него ќе бидат токму тие. Најдебелите во британското општество истовремено се и најсиромашните 20% од населението. Доколку освен што јадат нездрава храна, тие и умерено пијат, пушат и возат автомобил, тоа значи дека трошат 37% од нивниот и онака мал приход за да го платат тн.„данок на гревови" (цигари, алкохол и бензин), за Британија на тој начин да стане поздрава, позелена земја. За кого? За гостите во медиокритетскиот ресторан на Џејми Оливер, „готвач чиј сопствен обем на струк има пораснато исто толку бргу колку и неговото его", кој е всушност и најревносниот застапник на данокот на шеќер, кој според него ќе придонесе за намалување на просечната дебелина кај децата од школска возраст.
Но ова прашање е дискутирано од еден Британец многу порано, уште во 1937. „Патот до пристаништето Виган" на Џорџ Орвел е збирка есеи за условите на живот на работничката и средната класа во Англија во текот на Големата депресија, пред Првата светска војна. Во шестото поглавје тој ја анализира исхраната на рударските семејства и заклучува дека со оглед на тоа што немаат пари да купат „вистинска" храна, тие купуваат евтини производи само за да внесат малку забава во нивните животи.
„Едно рударско семејство троши само 10 пени неделно на зеленчук, и исто толку на млеко (иако во секое има по едно дете помало од три години), и воопшто не купуваат овошје. Затоа пак трошат речиси два шилинга на шеќер и шилинг на чај. Оттаму, основата на нивната исхрана е белиот леб и маргаринот, конзервирано говедско, зашеќерениот чај и компирите.
Нели би било подобро кога тие би трошеле повеќе пари на поздрави нешта, како портокали и интегрален леб? Да, но поентата е дека ниту едно обично човечко суштество нема да направи вакво нешто. Обичниот човек побргу би гладувал отколку да живее на црн леб и живи моркови. А посебното зло во сето ова е дека колку што имаш помалку пари, толку си помалку склон да ги потрошиш на здрава храна. Милионер може да ужива во појадок кој се состои од сок од портокал и Ривита (р'жани) бисквити, но невработениот не може тоа да си го дозволи. Кога си невработен, што значи дека си понижен, дека ти е досадно и дека се чувствуваш бедно, не сакаш да јадеш досадна здрава храна. Сакаш нешто по 'вкусно'. И секогаш има нешто евтино, што ти носи задоволство, и коешто те искушува", вели Орвел во есејот.
Ова, според Орвел, води кон потхранетост и здравствени проблеми, но тоа не значи дека сиромашните не знаат за ваквите последици - тие едноставно немаат избор. Така било и пред 80 години, а така е и сега.