Седарис за сограѓанин!

Писателот опседнат со собирање ѓубре и владината Комисија

Дејвид Седарис, за чијашто збирка раскази „Јас зборам добро еден ден" пишувавме тука, освен по урнебесниот хумор е познат и по една негова опсесија - чистењето ѓубре од јавни површини. Сега таа негова пасија го донесе пред британска владина комисија задолжена за животната средина.

Седарис, инаку Американец, стана локален херој во неговиот нов дом, Вест Сасекс, Англија, откако почна посветено, и тоа по неколку часа на ден, да го собира ѓубрето што го фрлаат неговите сограѓани и соседи. Да, и во Британија фрлаат ѓубре по улици, па и покрај, како што тоа обично се вели, „повисоката свест" за ова прашање во споредба со нашата, Седарис има полни гумени ракавици работа.

Во јули минатата година локалните власти му направија чест, именувајќи еден од камионите за собирање отпад „Пиг Пен Седарис". Но тие не застанаа тука, па како повисока форма на чест од именување возило од Ц категорија по познат писател, го повикаа на еден вид сослушување/дебата, на седница на владина комисија задолжена за ред, чистота и дисциплина во локалните заедници.

Нема да ве тераме да ги гледате сите два часа, во кои еден од говорниците крајно сериозно ги опишува оние пепелници кои одозгора имаат тацна за отпушоци, а одоздола обична корпа за отпадоци, и според него се препорачуваат за превенирање пожари. Она што остава впечаток се случува некаде околу првиот час, кога член на Комисијата почнува да го притиска Седарис да се изјасни околу тоа како треба да изгледа некаква национална стратегија за излегување на крај со луѓето кои фрлаат ѓубре.

„Донесовте некаков предлог-документ?", вели отприлика тој. Седарис, подместувајќи си ги наочарите, се исчудува на прашањето, обидувајќи се да објасни - дека тој е само обичен писател кој без никаква посебна опрема набавена на тендер и без да помине задолжителна обука (без која ниту еден вработен во таа општина не смее да собира ѓубре), по своја волја и совест, ги собира ќесите чипсови кои ги фрла некое разгалено дете на излез од супер-маркетот. И дека кога луѓето не би биле навикнати дека со тоа што фрлаат му отвараат некому (платена) работа, со што на некој чуден начин тоа за нив станува и етички исправно, Британија би била почиста.

Какво недоразбирање помеѓу поединецот и бирократизираниот систем, кој не знае (или не сака) да ги употреби овие мали иницијативи за големи цели. И покрај оваа здрава логика на Седарис, нему сепак му се замера за еден детал - според него сиромашните фрлаат повеќе ѓубре од богатите. Тој во клипчето изјавува дека има собрано купиште амбалажи од евтини производи, „но ниту една карта од опера“. 

Политичката некоректност на страна, туку како да го привлечеме да се пресели во некое скопско маало? Во она околу МОБ можеби и би нашол некој искористен билет, па раат и тој, и ние.

 

14 јануари 2015 - 09:36