„Пиј ме само со твоите очи" (или „Пиј за мене само со твоите очи“?) е популарна англиска песна, чии стихови му се припишуваат на Бен Џонсон, драматург, поет и книжевен критичар од 17 век, содржани во неговата „Песна за Селија" од 1616. Но тој најверојатно ги препишал (читај: украл) од поран текст, љубовно писмо на грчки филозоф-софист наречен „Атињанинот".
Таа, придружена со музика, била една од најпопуларните мелодии изведувани од американските ученици во 19 и почетокот на 20 век. Во интрото на оваа акустична изведба, Кеш вели дека токму неа ја испеал на неговиот прв јавен настап во животот, на приредба по повод почетокот на школската година во гимназија.
Но песната се појавува и на други интересни места: индискиот нобеловец Тагоре на истата мелодија закачил свои стихови. Неа, под наслов „Често сум помислувала да ги тргнам на страна сите мои сомнежи", во двете верзии (и индиската и англиската) ја изведува Свагаталакшми Дасгупта.
Oва пак е изведба на Рита Штрајх, една од најпознатите повоени лирски сопрани, родена во Сибир, со германско-руско потекло.