Нова книга под наслов „Американско ѓубре“ на авторката Џанин Каминс предизвика контроверзи откако беше одбрана за претставување во книшкиот клуб на Опра Винфри. Критичарите ја нарекоа книгата, која се однесува на мексикански имингрант, „експлоататорска“ и „фетишизација на траумата“. Една од причините за ваквата реакција е и фактот што авторката е бела (иако има баба од Пуерто Рико). 121 автор до сега го потпишаа отвореното писмо - барање до Винфри да ја промени одлуката, и да jа симне ознаката - клупскиот „печат“ - од книгата, што во принцип ја зголемува нејзината продажба.
Писмото, објавено во целост на LitHub, почнува со оддавање признание на Опра за тоа што таа е „промотор на правдата, промената и книжевноста“. Но продолжува со аргументи поради кои „Американско ѓубре“ не треба да биде вклучена во списокот на заслужни за дискусија и промоција, на пример затоа што прекумерно ја поедноставува приказната на имигрантите, создавајќи сензација од трагичните приказни низ кои минуваат голем број мексикански семејства. „Во време на ширење лажни вести, сеење страв и бела пропаганда поврзана со имигрирањето, во време кога возрасни и деца умираат во кафезите за имигранти на САД, веруваме дека ваков роман, кој толку неточно ги опишува маргинализираните, опресирани луѓе, не треба да биде промовиран“.
Опра во видео постирано на Инстаграм изјави дека откако станало јасно дека нејзиниот избор предизвикал емотивни реакции, одлучила наместо дискусија за книгата во рамки на клубот да направи поширока дебата која ќе се прикаже на Епл ТВ+ во март.
Во меѓувреме издавачот на книгата ја откажа промотивната турнеја на авторката низ САД, наведувајќи безбедносни причини.