Напишани помеѓу октомври 1922 и март 1923, дневниците од турата на Ајнштајн низ Азија содржат негови размислувања за она што го видел и за луѓето кои ги запознал, како и медитации за науката, филозофијата и уметноста. Во Кина, човекот кој го има опишано расизмот како „болест на белците“ ги опишува „трудољубовите, но валкани и глупави луѓе“ кои ги набљудува. Забележува дека „Кинезите не седат на клупи додека јадат, туку клечат како Европејците кога вршат нужда низ шумите. Сето ова се случува тивко и кротко. Дури и децата се без дух и изгледаат неинтелигентно“. Откако ја опишува „плодноста“ на Кинезите вели: „Ќе биде штета ако овој народ ги замени сите други раси. За оние како нас самата помисла на ова предизвикува неизговорлив ужас“.
Сите овие забелешки се во голема спротивност со јавната слика на големиот хуманитарец. Зе’ев Розенкранц, уредник и преведувач на „Патните дневници на Алберт Ајнштајн“, кои неодамна се објавени за прв пат на англиски од Принстон Универзити прес, вели дека ваквите пасуси се напишани без резервираност, и изгледаат дека не биле наменети за објавување. Претходно тие биле објавени во Германија како дел од Собраните документи на Ајнштајн во 15 тома, со само мал дел преведен на англиски.
Има и делови кои се уште посурови - Кинезите според Ајнштајн, иако работат како коњи, никогаш не оддаваат впечаток на свесно страдање. Тие се однесуваат „како стадо од нација“, повеќе како автомати отколку како луѓе. Особено му се грди жените, за кои не може да се начуди со што толку ги привлекуваат мажите, па овие не можат да одолеат да им направат потомство.
Слични забелешки има и за Цејлон, каде за локалните жители вели дека „работат малку, и имаат исти такви, минимални потреби“. Единствено има малку повисоко мислење за Јапонците, за кои смета дека се „достоинствени и чисти души“. Сепак заклучува дека интелектуалните потреби на оваа нација изгледаат послаби отколку нивните уметнички таленти, што според него може да е резултат на природна предиспонираност.
Иако вакви ставови во негово време биле чести, сепак тие не можат да се оправдаат со „цајтгајстот“. Дури и човек како него, кој бил и самиот жртва на поинаквото (еврејско) потекло, како што откриваат дневниците изгледа имал проблеми со препознавањето на човештината во другите.