Роб Брајдон, велшки актер, комичар, имитатор и телевизиски водител, и нам попознатиот и посимпатичен Стив Куган (24 Hour Party People, Coffee and Cigarettes, Philomena), се на целосно платено патување од весникот Observer. Нивната задача е со кола да минат неколку дена низ Италија, и да напишат текстови во кои фокусот би бил на храната (иако и двајцата не знаат ништо на темата). За да не биде без ич „култура", тие сепак својата патека ја планираат така за да води по стапките на нивни сограѓани, славни поети чии дела и судбина се испреплетени токму со Италија - Вордсворт, Колериџ, Бајрон и Шели.
Навидум освен возење, јадење, пиење и суптилно прикажани попатни сексуални авантури, во филмот и нема кој знае што друго на ниво на нарација. „Заплетот" всушност е во пријателството, начинот на кој овие двајца возрасни мажи се обидуваат преку зафрканции, натпревари во имитации на нивни колеги (Ал Пачино, Мајкл Кејн, Хју Грант..) и генерални цепки да искомуницираат нешто многу подлабоко - нивниот страв од стареењето и од смртта. Тоа особено се чувствува на две од локациите: Рим, каде ги посетуваат протестантските гробишта каде се закопани кремираните остатоци на Шели, и Помпеја, во чиј музеј со стегнато срце ги разгледуваат пеплосаните, мумифицирани остатоци на мажи, жени и деца додека во позадина одат звуците на Im Abendrot, последната од „Четирите последни песни" на Рихард Штраус.
Филмот е всушност продолжение на „Патување" од 2011, во кој истите актери шетаат низ северна Англија. Но она што нè изненади е што и двата се всушност измонтирани исечоци од ТВ серија која одела на Би-би-си, во две сезони и со дванаесет епизоди. Винтерботом како режисер, но во голема мерка и монтажерите, си ја завршиле работата така за воопшто да не претпоставите дека филмот не е сниман како таков. Од друга страна, тој содржи голем број референци на други славни дела снимани во Италија, меѓу кои и оној со истото име на Роселини од 1954, со Ингрид Бергман, во кој исто така имаше катарзична сцена со пеплосаните жители на Помпеја. За пречестите спомнувања на „Кум“ и да не зборуваме..
Нам пак ни дојде една друга асоцијација - филмот Sideways на Александар Пејн, во кој двајца пријатели шетаат по винарии како завршница на ергенскиот живот на едниот од нив. Во споредба со него (има добиено Оскар за сценарио и куп други награди), „Пат низ Италија" не е ни од далеку толку јак филм. Па сепак има нешто шармантно во тоа да следиш, со чувство дека си трет патник, како двајца мажи на прагот на средовечноста разговараат за сосема неважни и за најважни животни теми, без оглед дали притоа патуваат низ Мариово, или низ најдоброто од Италија.
Детален список на посетените места во филмот (со адреси и цени)