Нова книга која излезе во март 2021, „Жени во бели мантили“ од Оливија Кембл, ја раскажува приказната за тоа како првите докторки го промениле светот на медицината. Таа се фокусира на три викторијански жени кои ги срушиле бариерите, и не само што ја промениле родовата мапа во оваа професија туку извршиле и револуција во начинот на кој жените добивале медицинска грижа, до тогаш само од доктори-мажи.
Во раните 1800-ти жените умирале во голем број од болести кои можеле да бидат третирани, само затоа што одбегнувале прегледи и терапија. Не се чувствувале пријатно да бидат допирани и гледани од мажи доктори, а се плашеле и од стигматизирање - една дијагноза можела сериозно да ја ограничи нивната способност да си најдат маж, работа или да бидат прифатени во заедицата.
Мотивирани од личните загуби и фрустрации од неадекватна медицинска грижа, неколку жени, и покрај сите пречки на нивниот пат, успеале не само во тоа лично да се пробијат на ова поле, туку и пионерски да го пробијат патот за нивните колешки.
Прва деканка на Женски медицински колеџ во САД била Ан Престон, која по само тригодишно школување станала професорка по физиологија и хигиена. Била толку ситна што често морала да стои на дрвена кутија додека предавала. Имала осум браќа и сестри, но дел од нив рано починале, а мајката била постојано болна. Таа одлучила дека жените треба самите да научат да си го подобруваат здравјето, со тоа што подобро ќе си го запознаат телото и сопствената физиологија.
Но не застанала тука - постојано се борела за жените во областа на медицината да ги имаат истите права на образование и вработување како и нивните машки колеги. Испраќала петиции до директорите на локалните болници да им дозволат на нејзините студентки да присуствуваат на клиничките предавања и на праксата. Конечно во 1856 тоа било дозволено, во болница воспоставена повеќе од еден век претходно од Бенџамин Френклин, во која се наоѓал првиот хируршки амфитеатар и медицинска библиотека.
Но тестот не поминал добро. Самиот професор, кој воопшто не бил воодушевен што во „машкиот храм“ има жени, се обидел да ги скандализира кога побарал од машки пациент целосно да се соблече. Кога ова не успеало, тој побарал од бордот да им забрани понатамошен пристап на студентките, и успеал во тоа.
По 13 години притискање, во 1869 Престон повторно ги донела студентките на час на истата локација. Машките студенти биле претходно предупредени и сите 300 од нив подготвувале офанзива - ги навредувале, па дури и им плукале сок од тутун врз фустаните (кој сигурно тешко се перел). Кога часот завршил направиле кордон и ги гаѓале со камења. Не помогнале ни интервенциите на директорите на болницата.
Оваа епизода не поминала незабележано од медиумите, кои ги поддржале жените. „Зошто овие гневни младичи се спротивставуваат на жени-доктори, тоа не го знаеме, освен ако тоа не е знак дека се свесни за својата интелектуална инфериорност, и ако не се плашат од конкуренција од лица кои што се не само ментално, туку и морално супериорни“, напишал новинар од Филаделфија.
Имало и професори кои никако не можеле да се помират со идејата дека треба да им предаваат на девојки и жени. Еден од нив, оној првиот кој го тераше пациентот да се соблече пред нив, откако сфатил дека по овој втор пат бордот веќе нема да им забрани пристап во предавалните, дал отказ, и покрај тоа што требало да стане шеф на хирургија на медицинското училиште.
Eдна од девојките која поминала низ сето ова била Ен Брумал, која откако дипломирала медицина продолжила да студира во Париз и Виена. По нејзиното враќање во Филаделфија станала раководителка на катедрата за aкушерство. Таа била еден од првите доктори во целата нација кој воспоставил регуларни прегледи на бремени жени, а обезбедила и постојано надоградување на веќе дипломираните медицински сестри и акушерки со најновите достигнувања кои доаѓале од Европа.
Книгата „Жени во бели мантили“ се фокусира на оваа и на уште неколку други жени, кои успеале да се здобијат со дипломи од медицина и да го отворат патот и за други жени да го сторат истото, рамо до рамо со своите машки колеги.