Џон Милтон (1608-1674) е веројатно најначитаниот автор на своето време. Го знаел Хомеровиот грчки и Виргилиевиот латински, а кога го пишувал својот еп „Загубениот рај“ практично му реплицирал на Данте и на неговата „Божествена комедија“. Извршил големо влијание врз англискиот јазик, исто како и Шекспир, кој умрел кога Милтон имал осум години.
„Мост“ кој ги спојува е првата објавена песна на Милтон, анонимно, во второто издание (фолио) на Шекспировите собрани дела. Во песна со наслов „За Шекспир“, тој жали за тоа што генијот на овој драматург не е доволно ценет. Денес е тешко да се замисли дека имало време кога Шекспир не бил обожуван, но неговата репутација почнала да се шири и вон театарот во текот на 17 век. Милтоновата песна била една од првите кои го величеле, како поет кој би требало да лежи во гроб „во кој би сакале да почиваат и кралевите“.
Сега е откриен уште еден доказ за почитувањето на Милтон кон неговиот претходник. Станува збор за лична копија на поетот од „првото фолио“ од 1623 на Шекспировите драми, на кои рачно запишувал белешки. Книгата со децении им стоела пред нос на истражувачите, во одделот за ретки книги на библиотеката во Филаделфија, како една од 230-те сочувани копии од првото издание во светот.
Откритието го направил Џејсон Скот-Ворен од Универзитетот во Кембриџ, врз основа на палеографија односно анализа на ракописот. Направена е и споредба со белешките на Милтон во други книги, како на пример во неговиот примерок на Светото писмо. Тој запишувал свои коментари на маргините на сите драми, освен на „Хенри Шести“ и „Титус Андроникус“, а белешките се проценети како „интелигентни и прецизни“.
Иако сигурно љубоморни што некој друг, а не тие го направиле откритието, и други истражувачи на ликот и делото на Милтон се согласуваат дека е тоа негов ракопис и дека хронологијата се поклопува. Така, ова станува едно од најзначајните архивски откритија на модерното време, со жалење што истите тие коментари Милтон не ги продлабочил и не ги објавил како посебна книга.