Додека стоела во ред за прием на некаков настан на женско здружение во Синсинати во 1910, Имоген Рехтин била згрозена од тоа како непозната хостеса им пристапувала на гостите, пречекувајќи ја секоја од 30-40 жени со бакнеж, или во образ или директ во уста.
Средовечната мајка на две деца, со длабоко всаден страв од бактерии, Рехтин била свесна за здравствените ризици поврзани со „промискуитетното бакнување“. Барем во тоа време во САД поминувало ден а некој да не ја излигави. Допир на устата бил стандардниот поздрав помеѓу пријателки, вообичаен речиси како ракувањето денес. Но ова во Синсинати ја прелеало чашата, па Рехтин одлучила да започне движење за напуштање на практиката на бакнувањето.
Името на нејзината група е интересно - Светска здравствена организација (секако, нема врска со денешното СЗО). Преку неа таа дистрибуирала материјали со аргументи против бакнувањето, а делела и беџови за донација од 5 центи на кои пишувало „Не бакнувај“ (Kiss Not). Taа и стотината нејзини приврзанички додуша малку претерале, па кампањата ја прошириле на бакнувањето во сите контексти, дури и во интимноста на спалната.
Медиумите ја исмевале, дел од јавноста не ѝ верувал, но загриженоста на Рехтин не била без основа. Во време на голем број заразни болести и идеи за ширење на болестите кои уште биле во зародиш, бакнувањето бил вектор на болест кој лесно можел да се одбегне. Тоа е време на епидемии на тифус, колера и сифилис, а туберкулозата, за којашто се уште не бил познат лек, била одговорна за една третина од смртните случаи во Европа. Некои од начините за отстранување на ризиците било градењето канализации и зголемувањето на стандардот на живеење. Но експертите се повеќе ја нагласувале важноста и на промената на човечкото однесување.
Интересно е што кампањата ја поддржале исклучиво жени, додека на мажите очигледно не им одговарало да се откажат од можноста да си ја залапаат симпатијата без предупредување. Кампањата била краткотрајна и неуспешна, и таа покажува дека бакнувањето, и покрај сите ризици, било препријатна активност за да биде напуштено.