Припадничките на воениот ред Она-бугејша во Јапонија биле обучени за самоодбрана и маневри за напад на непријателот на истиот начин како што во тоа биле упатени нивните машки „колеги“. Тие дури имале и посебно оружје - „нaгината“, мечеви кои биле специјално дизајнирани за нивните потреби. Со години тие се бореле рамо до рамо со своите машки соборци, а од нив се очекувало да ги извршуваат истите должности.
Една од првите жени-самураи била царицата Џингу, која владеела помеѓу 201-269-тата. Како што вели легендата, таа водела инвазија на Корејскиот полуостров додека била бремена со идниот цар Оџин. Но најпозната она-бугејша во историјата е сепак Томое Гозен, која во текот на војната од 12 век помеѓу два моќни клана, раководела со 300 жени-самураи во борба против 2000 непријателски војници, и била меѓу само петте воинки кои преживеале. Толку се истакнувала со својата вештина во стреличарство и јавање коњ, како и во ракување со катана, што подоцна ѝ била доделена формација од 3000 мажи.
Во мирно време таа била подеднакво бестрашна. Се ангажирала во политиката, а нејзиното име брзо се прочуло низ земјата. Во знак на благодарност за нејзиниот удел во војната, главниот на кланот-победник ја назначил Гозен за првиот вистински генерал во историјата на Јапонија. Нема многу податоци за тоа како починала, но преданијата велат дека како повозрасна се омажила за соборец-самурај, а по неговата смрт се замонашила.
Со векови потоа редот на Она-бугејши се развивал, заштитувал цели села и отворал школи за воинки низ царството. Во нив меѓу другото се обработувале дела кои ги славале потфатите на претходничките, како „Приказната за Хеике“, често пати нарекувана „јапонска Илијада“, во која Томое Гозен била претставувана како „воин кој е подготвен да се бори и со демони и со богови, пеш или на коњ“.
Иако звучи парадоксално, голем број самурајски семејства сакале нивните ќерки да поминат војничка обука како вид духовна подготовка за нивните улоги на сопруги и мајки. Сметале дека дисциплината и истрајноста која ќе ја стекнат на овој начин ќе им помогне во тешките домашни задачи. Оттаму, не сите кои биле обучени за самурајки навистина се бореле во битки. Но имало и такви кои служеле како обезбедување на своите феудални господари и ги следеле во чекор. Во 19 век се формирала и специјална единица, Џошитаи, раководена од 21-годишната Накано Такеко. Откако била смртно застрелана во срце во текот на една битка, со последниот здив таа ја замолила сестра си, која се борела до неа, да ѝ ја пресече главата за непријателот да не може да ѝ го земе телото како трофеј. Сестрата послушала, ја закопала главата во коренот на бор на еден храм, а подоцна таму е подигнат споменик во нејзина чест. Такеко се смета за последната голема самурајка помеѓу јапонските воинки, бидејќи набргу по нејзината смрт Јапонија влегла во нов историски период во кој споменот на бестрашните воинки бил потиснат.