Oд „тикери“ до „Хоумленд“: како се смени телевизијата по 9/11

Списокот на начините на кои Америка, но и голем дел од светот, се промени по терористичките напади на кулите-близначки на 11 септември е долг. Меѓу нив е и влијанието кој овој трагичен настан од пред 20 години го имаше врз телевизијата.

Кога денес ги следиме подвижните телопи со најновите вести на ТВ екраните не сме свесни дека тие се мала, но многу влијателна инованција која им ја должиме на настаните од 11 септември 2001. До тогаш идејата на трупање информации кои динамично се менуваат на екраните беше релативно нова и не многу експлоатирана - немаше настан од толкаво глобално значење кој би подразбирал постојано апдејтирање со најновите вести. На тој ден се случи таков наплив на информации кои не бил искусен претходно.

Ова како нов стандард почнаа да го наметнуваат американските телевизии, со што „обичните“ почнаа да личат на кабловски, нудејќи постојано покривање на настаните. Во 2001 тоа се правело и без реклами, од вторникот на денот на нападите, до саботата, цели пет дена, што е неверојатно долго телевизиско време без комерцијални пораки.

Од тогаш се промовира и концептот на фокусирање на една главна вест, а не на голем опсег „шарени“. После емитување на некоја високо емотивна сторија просто е несоодветно спикерот да треба да каже: „А сега, малку за времето...“

Една од промените е и обичајот водителите на доцните шоу програми, како Стивен Колберт, Џими Кимел или Тревор Ноа, да се обраќаат директно на нацијата по повод некои големи настани, како што беше убиството на Џорџ Флојд или влегувањето во Капитол од 6 јануари. Прв ова го направи Дејвид Летерман во „Лејт Шоу“ на Си-би-ес шест дена по нападот. „Има само едно нешто што се бара од нас сега, а тоа е да бидеме храбри“, изјави тој тогаш.

Но на трагичните настани реагираа и фиктивните, политички драми, филмови и серии. Оние постоечките, кои беа во тек, чувствуваа дека мораат да внесат содржини поврзани или директно со нападите, или индиректно, со психолошките и други последици од настанот.

Но имаше и серии кои беа направени за да го симболизираат 9/11 и сето она што довело до него. Најпозната меѓу нив е „Хоумленд“, адаптација на израелска ТВ драма „Воени затвореници“. Таа се фокусира на амеркански војник вратен дома откако осум години бил држен во заточеништво од ал-Каеда и неговата врска со агентка на ЦИА со која почнува необична љубовна врска, иако таа истовремено се сомнева дека тој е преобратен во терорист.

Серијата доживеа 9 сезони и собра куп награди, иако на почетокот имаше и остри критики за промовирање на американизирана гледна точка на настаните и проблематичното портретирање на муслиманите и земјите од Блискиот Исток. Извршниот продуцент на серијата Хауард Гордон вели дека од тогаш и другите професионалци од неговата бранша се труделе да бидат поинклузивни и повнимателни. Но дури и денес се уште не му е баш јасно, особено во светлината на настаните во Авганистан, какво е местото на Америка во светот и дали целиот ангажман на американските трупи бил фарса.

извор

11 септември 2021 - 10:25