Од што зависи која ни е омилена боја?

Преференците во однос на боите се збир од нашето искуство со таа одредена боја - секојдневни интеракции со зелени, сини, виолетови, жолти и други нешта околу нас. Колку што бојата е позастапена околу нас, и колку што тоа искуство е попозитивно, толку бојата ни е поомилена. Така барем тврди теорија која се нарекува „теорија на еколошка валенција“.

Во 1993 производителот на креони Креола спровел анкета во која американските деца требало да кажат која им е омилена боја. Повеќето ја одбрале стандардната сина, но во првите 10 завршиле и три други нијанси сино. Седум години подоцна фирмата го повторила експериментот. Повторно, класично сината била на врвот додека шест други нијанси сина се појавиле во првите десет, вклучително и нешто што се вика „близард блу“ или бурно сина. Со нив на списокот имало нијанса на виолетово, зелено и розово.

Доминацијата на сината на ваквите листи не е изненадување за Лорин Лабреск, професорка на Универзитетот Роуд Ајленд, која го проучува ефектот на бојата во маркетингот. Таа често ги прашува своите студенти за тоа која им е омилена боја, и откако тие ќе одговорат клика на презентацијата, каде веќе има слајд на којшто вели дека 80% од нив рекле „сина“. „Кога ќе станеме возрасни, сите ја сакаме сината. Тоа изгледа дека е распространето во различни култури, луѓето едноставно ја сакаат оваа боја“ (исклучок е Јапонија која е една од ретките земји во кои луѓето во своите три омилени бои ја вклучуваат белата).

Нашиот избор на омилена боја е нешто што се појавува уште во детство, иако децата имаат прилично широки и неконзистентни преференци за бои (ги менуваат „омилените“, иако генерално повеќе сакаат посветли нијанси). Но како што растат, тие почнуваат да развиваат посилни афинитети кон одредени бои, врз основа на тоа на кои од нив биле изложени и зависно од асоцијациите поврзани со нив. Во ова игра улога и општествениот притисок, на пример девојчињата да „сакаат“ розово или црната да е поврзувана со тага и погреби. 

Се верува дека како што децата навлегуваат во тинејџерска возраст, така нивните омилени бои стануваат потемни. Но зошто воопшто имаме омилени бои и зошто таа - најчесто - е сина?

Преференците во однос на бои се истражувани уште од 19 век, а сината во сите нив доминира веројатно поради искуствата поврзани со оваа боја, како идилични океани или чисти неба. Само во англискиот „блуз“ е нешто поврзано со меланхолично расположение. Од друга страна, прилично универзалното грозење од „калливо“ кафената боја се поврзува со биолошкиот отпад или скапаната храна. Единствена позитивна асоцијација со кафенава се боите на есента, но само додека трае тоа годишно доба.

Ваквото објаснување се нарекува „теорија на еколошка валенција“. Таа тргнува од претпоставката дека нашето сакање или несакање на одредена боја е одредено од нашата емоционална реакција на предмети и ситуации од непосредната околина, кои се во таа боја. Преференците во однос на бои всушност се збир од нашето искуство со таа одредена боја - секојдневни интеракции со зелени, сини, виолетови, жолти и други нешта кои влијаат врз нашето расудување. Потврда за ова е и експеримент во кој во тек на четири годишни времиња учесници во истражувањето биле замолени да водат сметка за боите кои им се допаѓаат или не им се пријатни. Нивните мислења биле директно повлијаени од природата, односно со палетата на бои кои се доминантни во одредена сезона - на пример топлите бои како темно црвена и портокалова го достигнувале врвот пред да опаднат, заедно со лисјата. Сепак, врз ова влијае географската локација на испитаниците, кои во случајов живееле во Британија. 

извор

6 јуни 2022 - 16:48