Во нова книга под наслов „Есен во Венеција: Ернест Хемингвеј и неговата последна муза“ од Андреа ди Робилант, која ќе излезе на 11 јуни, прв пат се објавува писмо во кое млада италијанска благородничка Адриана Иванчиќ му пишува на славниот автор за пеколот низ кој поминува, затоа што ѝ е забрането да комуницира со него.
Писмото е датирано од април 1956, а во него таа вели дека човекот за кого се надевала дека ќе ѝ биде иден сопруг „не сака да ви пишувам веќе, и не сака ни вие да ми пишувате“. Таа додава дека заради ова многу страда: „Пробав сè (знаеш колку те сакам...). Ниедна солза, ниеден збор не може да го предомисли...Никогаш не помислив дека може да се збогуваме“. Најверојатно станува збор за германскиот барон Рудолф фон Рекс, со кого се омажила во 1963, и имала два сина.
Иванчиќ била ќерка на бродосопственици со далматинско потекло, кои се преселиле во Венеција во текот на 19 век. Таа и Хемингвеј се сретнале во 1948 во тек на забава во регионот Венето. Баронесата Иванчиќ тогаш имала само 18 години. Била триесет години помлада од него, но до денес не е јасно дали освен пријатели тие биле и љубовници. Ди Робилант верува дека ова било многу повеќе од авантура со многу помлада девојка, и дека одиграло суштинска улога во регенерирање на креативните „сокови“ на Хемингвеј. Во периодот кој следел тој меѓу другото ја напишал „Старецот и морето“ за која ја добил Пулицеровата награда.
Во друго претходно необјавено писмо, Хемингвеј и пишува на Иванчиќ: „Кога сме разделени не ми е гајле за ништо...Премногу ми недостасуваш. Понекогаш е толку лошо што не можам да издржам“. Во тој период тој бил женет со сопругата број четири, Мери Велш Хемингвеј, но ја опишувал средбата со Адриана како „удар на гром“. Таа се случила кога на скијање во некој бар и во весело друштво, кое го вклучувало и правујкото на авторот на книгата, тој ја забележал тогаш 18-годишната девојка.
Иако не останале заедно, животната судбина на обајцата била многу слична - тој се самоуби во 1961, а таа го сторила истото во 1983, на 53 години.