Сер Харолд Еванс во родната Британија е најпознат како уредник на The Sunday Times во тек на 14 години. Во 1984 тој и неговата сопрута Тина Браун (исто така новинарка и авторка на биографска книга за принцезата Дијана) се селат во САД. Таму тој продолува со новинарството, а пишува и неколку книги од областа на историјата, како „Американскиот век“ (1998). За своите истражувачки стории и вкупен придонес кон новинарската професија има добиено бројни награди, а во 2004 ја добива и титулата „сер“.
Сепак, најпозната кампања во текот на неговата работа како уредник на Сандеј Тајмс била онаа поврзана со талидомид, препарат кој се препишувал на бремени жени, а кој довел до тоа илјадници деца во Британија да се родат со деформирани екстремитети. Истиот бил користен во 45 други земји, што довело до раѓање на над 10.000 деца со деформитети и илјадници спонтани абортуси.
Денес наречена „најголема медицинска катастрофа на сите времиња предизвикана од човекот“, таа започнала кога во 1956 германската фармацевтска компанија Кеми грунентал го промовирала ова лекарство како соодветно за третирање вознемиреност, тензија и утринско лошење. Ова последново се однесувало на бремени жени, иако лекот никогаш не бил тестиран на нив.
Првите ефекти биле забележани и поврзани со лекот во 1961, кога е целосно повлечен од употреба во Европа. Главен на лабораторијата на спомнатата компанија во тој период бил хемичарот Хајнрих Муктер, познат наци-криминалец, кој од друга страна бил сметан за искусен со оглед на тоа што пронашол анти-тифус вакцина за време на војната. Во САД нејзиното влегување било спречено од фармакологот Франсис Олдам Келси, која успеала да ги издржи притисоците од фармацевтската компанија која ги произведувала овие таблети за американскиот пазар. Подоцна претседателот Џон Кенеди ѝ доделил орден за заслуги.
Британскиот херој во приказната бил токму сер Харолд, кој откако на долго и на широко пишувал за овој скандал, во 1972 го присилил британскиот производител, Дистилерс компани, да им исплати високи отштети на мајките кои минале низ ова искуство и на нивните деца со хендикеп. Она што е интересно е што во тој момент точно оваа компанија била најрекламираната на страниците на Сандеј Тајмс. Истовремено, водел судска битка за весникот да може да открива дали одредени лекарства минале низ процедура на тестирање или не.
И покрај целата слава, во моментот кога Тајмс го презема Руперт Мурдок, сер Харолд се бунтува против одземањето на уредничката независност, и на крај заминува од весникот, а потоа и од својата родна земја.