„Три тома" звучи прилично претенциозно и кабасто за нешто што се всушност три мали книшки, во три нијанси зелено, врзани со жолта пластична врвка, и со три различни текстури кои би требало да ги симболизираат различните начини на гледање на истиот ресторан од неколку агли. Комплетчето се состои од готвач, едногодишен дневник на Реџепи и книга со фотографии од неговиот ресторан и вработените.
Реџепи препорачува да се почне со дневникот, кој го покрива периодот февруари 2011-февруари 2012. Дневникот е всушност поврзан со другите две книги, бидејќи кога се зборува за некое јадење тој упатува на книгата со рецепти каде се наведени неговите состојки, како и на фотографиите, каде може да го видите онака како што се служи во ресторанот. Плус дневникот содржи и интимни записи на Реџепи за кризите во неговата кариера, за семејството и тешкотијата на поднесување на данската клима (посебно споредена со македонската).
Книгата со рецепти почнува со есеј на Ларс Улрих (да, тој, бубњарот од Металика) со наслов „Неисплашен" (Unafraid). Во него тој вели: „Реџепи припаѓа на мала група уникатни создавачи. Луѓе кои ги имаат свртено на глава нивните специфични ниши. Кои повторно ги пронаѓаат и ги редефинираат. Оние кои не се плашат. Пабло Пикасо, Џејсон Полок, Черли Паркер, Бетовен, Битлси, Сесил Б. ДеМил, Франсис Форд Копола, Квентин Тарантино, Џек Керуак, Џејмс Џојс, Хантер С. Томпсон, Стив Џобс, Стивен Хокинг, Марлон Брандо, списокот зависи од оној кој го составува..но без оглед кој е на него или колку е тој долг, Рене Реџепи му припаѓа на тој список".
Богами, добро друштво му одбрал. Ги замислуваме на некаква тајна вечера во Нома, како мацаат во тоа тревите.