Лубеницата можеби не делува како некое мистериозно растение, но ботаничарите долго време се прашувале кој е дивиот претходник на поодомаќената верзија на летното освежување на кое уште од сега му се радуваме. Ново истражување вели дека тоа би можела да биде мала суданска диња под име Кордофан.
Досегашниот доминантен став беше дека лубеницата потекнува од Јужна Африка. Но кога главната истражувачка Сузан Ренер и нејзините ко-автори почнале да секвенцираат ДНК од диви растенија од родот на лубеници - Citrullus - почнала да се појавува поинаква слика - дека растенијата од Јужна Африка не се генетски блиски до денешната „припитомена“ лубеница.
Ова беше долго одржувано мислење, откако пред околу 150 години студент на познатиот таксоном Карл Лине наишол на вид диња на пазар близу Кејп Таун и ја нарекол Citrullus lanatus. Лубениците кои биле одгледувани во САД набргу се преименувале според овој латински назив. Со името се пренела и приказната за нивното потекло.
Но новата студија покажува дека потеклото би можело да биде од јужен Судан, од тн. кордофан дињи, кои додуша немаат црвено туку бело, слатко „месо“ и светло зелена надворешност со риги.
Овој наод објаснува и уметност пронајдена во 4300 години стара египетска гробница во која е прикажана долгнавеста диња со линии на надворешноста, заедно со грозје и други овошја.
Секако, во меѓувреме се случиле големи промени во гените помеѓу предокот и неговиот далечен роднина - денешната лубеница. Тимот наишол на точно 15.824 разлики помеѓу Кордофан и модерната лубеница позната под тип 97103. Некои од нив помагаат да се разбере, па дури и да се поправи една од најголемите слабости на лубеницата како растение - нејзината подложност на болести.