Изложбата е поделена на пет тематски целини - Прототипични парови, Вистински парови, Само-љубов, Убавина и Еротика. Сите тие покажуваат дека иако претставите и очекувањата од љубовта можеби се промениле, се уште постојат изненадувачки паралели помеѓу древните и модерните искуства.
Така, легендата за Купидон и Психе, двојка која има инспирирано генерации уметници, може да се толкува низ клучот на онлајн дејтингот. Психе е заведена од Купидон кој ѝ доаѓа само ноќе. Во еден момент таа открива дека спие со богот на љубовта. „Ова е слично со играње жмурки на социјалните мрежи и апликациите за дејтинг, каде луѓето најчесто се плашат да го откријат нивното вистинско лице. Во моментот кога ќе го сторат тоа почнува вистинската врска“, вели Јасмин Микеин, кураторка на изложбата.
Концептот на вистински парови, пак, е поврзан со идејата за романтична љубов која се популаризирала во 19 век. Претходно семејните структури или економско-политичките нужности биле многу поважни од љубовта помеѓу партнерите. Но денес слободата на бирање партнер може да подразбира друг проблем - бескрајна потрага по „вистинската/иот“, средби на слепо кои носат и свои ризици. Видео уметниците Катарина Дарке, Лена Јанс и Јакоб Вет го илустрираат ова со серија видеа на парови кои седат еден наспроти друг изговарајќи реченици кои му се познати секому кој се обидел да најде партнер преку апликација.
Еволуцијата на концептот на убавина се следи од класични дела, до проект на турската фотографка Ејлул Аслан, која се сретнала со 25 мажи на Тиндер, прашувајќи ги што е она што нив ги привлекува кај неа, а што не. Изненадувачки, секој од нив дал сосема различен одговор. Нив Аслан ги собрала во книга која имитира потег со прстот на десно за „да“, лево за „не“, со фотографии на „атрактивните“ делови од нејзиното тело кои се појавуваат на десно, а неатрактивните лево.
Што се однесува до еротската страна на љубовта, таа иако отсекогаш била плоден извор на инспирација за уметниците, често не можела да биде и експлицитна. Една од вклучените слики во изложбата, на Кристијан ван Кувенберг од 1632, под наслов „Љубовници“ сепак не остава простор за сомнеж за намерите на девојката кон младото момче, на кое му го покажува патот кон креветот.
До доцниот 19 век, уметниците се чувствувале послободни во прекршувањето на конвенциите. На графиката од 1895 на Мунк, „Бакнеж“, голите тела на љубовниците како да се претопуваат едно во друго. Истата ја инспирирала современата индијска уметница Инду Харикумар за нејзините 100 тиндер приказни. Харикумар замолила луѓе да и ги испраќаат нивните искуства со апликацијата, кои потоа ги објавила со илустрација инспирирана од приказните. Сликата инспирирана од Мунк е под наслов „Инстантна конекција“, а се однесува на виртуелна врска, која завршила во кревет пет минути откако парот се сретнал за прв пат во реалниот живот, по што тие останале заедно.
Изложбата „Што е љубовта? - од Амор до Тиндер“ во Кунстхале во Бремен ќе трае до 21 октомври.