Аруначалам Муругантам, тогаш сиромашен млад маж од јужна Индија, во 1998 се оженил за исто така младата Шанти. Еден ден ја фатил како крие нешто од него - валкани партали кои ги користела како влошки, а со кои тој „не би го чистел ни својот мотор“.
Сакајќи да ја импресионира својата нова сопруга, Арунчалам заминал во град за да купи влошки, кои ги набавил „под рака“. Не можел да сфати зошто 10 грама памук би чинел 40 пати повеќе од неговата пазарна вредност. Со сиот ризик кој го носела ваквата постапка, решил да направи евтина и достапна варијанта на влошки.
Дизајнирал едноставен прототип и побарал од жена му да го проба. Дури тогаш сфатил дека менструација се добива еднаш месечно, и дека ако сака асли да го тестира својот нов производ ќе треба да ангажира доброволки. Според тогашна статистика, само 12% од Индијките користеле купечки влошки, а останатите се снаоѓале како знаеле и умееле. Аруначалам бил шокиран кога сфатил што подразбира тоа „снаоѓање“ - користење не само стари партали туку и други нехигиенски материјали како песок, пилевина, лисја, па дури и пепел. Ваквата нехигиена резултирала со чести репродуктивни болести, како и со висока смртност на родилките.
Другите жени во неговото семејство одбиле да соработуваат, па одлучил да им пристапи на студентките по медицина на локалниот факултет. Сепак, и ова се покажало неуспешно. На крај креирал „матка“ од фудбалска топка на која направил неколку дупки и ја полнел со крв која му ја обезбедувал локалниот месар, на која додавал средства против коагулација. Шетал, возел точак и трчал со ваквата топка под традиционалната облека за да ја тестира моќта на апсорпција на неговата влошка. Сите мислеле дека полудел, пријателите почнале да го одбегнуваат и да шират муабети дека има некаква сексуално пренослива болест. По неколку месеци и жена му - заради која и почнала целата работа - го напуштила. Целото село во еден момент по идеја на локалниот бајач сакало да го заврзе за дрво и да го држи така додека не му дојде памет. За да ја одбегне ваквата судбина, Муруганатам морал да се исели.
Но не се откажал. Четири и пол години подоцна, тој успеал да дојде до успешен рецепт за изработка на прототипот, како и да конструира сопствена машина, која преработува целулоза во мек материјал. Тој пак потоа се пакува во правоаголни влошки, кои се дезинфицираат со ултравиолетова светлина.
Овој едноставен процес не само што ја намалил просечната цена на влошките, туку создал и работни места за селските жени, кои можат и самите да ја направат машината од дрво, и да ја одржуваат. На натпревар за национална иновација, од 943 други машини, оваа ја добила првата награда, а признанието на иноваторот му било врачено лично од претседателот на Индија, Пратиба Патил. По некое време и жена му се вратила.
Муруганатам, без да прави профит од целата работа, за само 18 месеци по овој настан конструирал 250 машини во најсиромашните и најнеразвиените региони во Северна Индија. Менструалните табуа таму, но и во голем број други области низ светот, се уште се силни. Има митови дека жените кои користат влошки можат да ослепат или никогаш да не се омажат. Но полека, со упорноста на Муруганатам, машините се проширени во 1300 села во 23 држави. Жените влошките ги продаваат директно на муштериките, а често од нив не земаат пари, туку производи како кромид или компири. Најмасовни купувачи се сепак невладините организации и женските групи за самопомош. Секој производител си бира свое име, како на пример Тач фри, Рилекс и Би кул. Планот е машините да се прошират и во Кенија, Шри Ланка, Нигерија и Бангладеш.
Во новиот филм улогата на Муруганантам ја игра 50-годишниот Акшај Кумар, мега-популарен во Индија, кој и до сега беше познат по својот политички активизам и кој сега повикува на бесплатна достапност на влошки за сите жени во земјата. Со овој филм тој се надева дека барем ќе започне поотворен разговор на темата.
Трејлер за филмот, кој почнува со „Америка ги има Супермен, Ајронмен, Бетмен, а Индија - Влошкамен“