Во Шведска постои посебен вид расчистување низ дома наречено döstädning, при што dö значи смрт, а städning чистење. Овој практичен но и психолошки процес може да биде направен во која и да е доба од животот, подобро порано отколку подоцна, но секако не предоцна. Поентата е „одзатнување“ на застоената атмосфера која ја сочинуваат купишта предмети кои не секогаш навистина ни требаат или имаат некаква емоционална вредност, туку се тука просто од инерција и страв од промени.
Врз основа на оваа традиција, уметницата Маргарета Магнусон, со скандинавски хумор и мудрост во 2018 објави книга под наслов „Нежната уметност на шведското претсмртно расчистување“, која веднаш стана хит. Врз основа на овие радикални но и животноафирмирачки методи сега е направено и истоимено реално шоу. Нараторка е комичарката Ејми Полер, „матичната“ територија (барем во првата пилот-епизода) е САД, но тимот „извршители“ се состои од тројца симпатични Швеѓани (две жени и еден маж).
Во првата од планираните осум епизоди, емитувана на ТВ мрежата Пикок вчера, 27.4., тие заминуваат за Канзас сити каде ја запознаваме шармантната Сузи Сандерсон, 75-годишна самица која живее со спомените на својата интензивна младост како пејачка. Самата се опишува како „багабонт“, со подрум преполн костими од нејзините настапи и дневна со куп пластични, дрвени, гумени, мали и големи...пениси. Нејзините предмети стануваат нечија туѓа среќа, а таа, како во некоја бајка, врти нова страница во животот.
И покрај целата „лигавост“ на ваквиот хепи-енд, интересни се културолошките разлики помеѓу Швеѓаните и нивната „пациентка“ - Американката, како и вицовите што ги прават на таа сметка. Во зависност од тоа како и каде ќе се одвиваат следните епизоди можеби ваквите моменти ќе бидат и одлучувачки за тоа дали ова ќе биде уште само едно реално шоу за „деклатеринг“, со ред гушкање, ред кубење коси по некакво дупнато ќебе и ред просветлувачко прочистување.