Во 1985 на Кјубрик му била дадена книга за опстанокот на џезот во окупираната Европа во текот на Втората светска војна. Вниманието му го привлекла една фотографија на нацистички офицер кој лежерно позирал помеѓу музичари-црнци, Роми и Евреи пред клуб во Париз. Кјубрик долго време сакал да направи филм за војната, и ова изгледало како одлична подлога. „Познатата изрека на Стенли беше дека е полесно да се заљубиш отколку да пронајдеш добра приказна", изјавил Тони Фревин, долгогодишниот асистент на Кјубрик. „Тој беше бескрајно заинтересиран во се што има врска со нацистите, и очајно сакаше да направи филм на оваа тема".
Книгата која го инспирирала била „Свинг под нацистите: џезот како метафора за слобода" од Мајк Зверин, тромбонист од Квинс кој свирел со Мајлс Дејвис пред да премине во новинарски води. Офицерот на снимката бил Дитрих Шулц-Коен, фанатик за „жежок свинг" и други варијации на џез, кои биле прогласени за незаконски и „музика од џунглата" од тогашните власти. Шулц-Коен објавувал андерграунд весник, еуфеминистички наречен „патеписни писма", кои се всушност репоратжи за џез сцените во градовите освоени од нацистите. Насловот на проектот на Кјубрик требало всушност да го содржи псевдонимот на Германецот - д-р Џез.
Иако сценариото за д-р Џез никогаш не било напишано, и тој исто како и „Наполеон" останал неснимен, истражувањето на Зверин е интересно самото по себе.
Иако стациониран во Париз повеќе од 20 години како џез критичар за International Herald Tribune, Зверин никогаш не се аклиматизирал. Повеќе сакал да патува и да ги интервјуира оние кои успеале да го одржат џезот во подруми и скришни простории во време кога бил забрануван. Тие разговори содржат и бизарни детали, како оној за некогашниот наци офицер кој додека летал по небото над Лондон се обидувал да чуе барем неколку тонови од Глен Милер на Би-би-си пред да ја бомбардира радио антената. Додека Британците пак ја бомбардирале Виена, еден тромбонист во наци свинг бенд „го извадил неговиот тромбон низ прозорецот и наместо да се крие во визба го свирел St. Louis Blues (тема која инаку за да биде дозволена во Австрија морала да се преименува во Sauerkraut - кисела зелка).
Во текот на војната една плоча на Џанго Рајнхарт вредела две кила путер на црниот пазар. Еден од тие „непослушни" Германци со гордост раскажува како успеал да му го пронајде омилениот балзам за усни на Луј Армстронг, кој можел да се купи само во аптеките во Берлин. Кога го добил пакетот, кој бил шверцуван до Америка преку еден париски сопственик на клуб, Луј му испратил на непознатиот Германец писмо на благодарност.
Секако, не се сите приказни вака весели. Зверин раскажува и за Евреите-музичари кои морале да ги забавуваат со свирење чуварите во камповите на смртта, и оние како Ерик Вогел, чешки џез трубач, кој ја ставил трубата во солна киселина кога нацистите почнале да ги конфискуваат инструментите, „за никој да не свири воени маршови на џез труба". Неговиот живот бил спасен кога еден СС офицер го препознал во гетото и го испратил дома, позајмувајќи некои од неговите џез плочи и книги. Во Франкфурт музичарите оделе по улица свиркајќи ја „Харлем" - ако некој друг музичар ја препознаел мелодијата, свиркал како отпоздрав.
Еден таков необичен поздрав приредил и германскиот музичар Ернст Холерхаген, за кого еден од интервјуираните тврди дека „свирел кларинет исто толку добро колку и Бени Гудман, но бељата било што не бил роден црн или Евреин или Американец" (плочите на Гудман можеле да се купат во Германија до 1938, а потоа некој изгледа сфатил дека тој е Евреин, што не било сфатено за Арти Шо, чие вистинско презиме всушност било Аршовски). Една вечер по шоу во Франкфурт во 1942, Холерхаген дошол до маса на музичари во клубот, „удрил со петиците, ја кренал десната рака, и рекол толку гласно за сите да можат да го чујат 'Хајл Бени'!".
Мајк Зверин умрел во 2010, а неговата книга не го добила заслуженото внимание. Сепак, мелодијата која тој ја свиркал некој ја препознал, и свирнал назад. Тоа бил Стенли Кјубрик.