
Дваесеттите години од 21 век требаше да бидат времето кога политиката конечно ќе почне да има смисла. Постоењето на индустријата за испитување на јавното мислење, која може да претвори промени во расположението во графикони и трендови, сугерираше дека би требало да е полесно да се разберат ставовите на луѓето. Религиозната припадност има значително опаднато во последните децении, па можеше да се очекува дека граѓаните донесуваат одлуки врз основа на логика и личен интерес. На сето тоа се надоврза и појавата на вештачката интелигенција, која ветува рационализација на сè поголем дел од животот.
Но, и покрај сите тие алатки и технологии, разбирањето на светогледот и на политичките избори на „другата половина“ од народот станува сè потешко. Можеби токму затоа треба да ѝ обрнеме повеќе внимание на една човечка особина што статистиката не ја опфаќа, а ниту вештачката интелигенција не ја разбира – харизмата.
Етимолошки, терминот харизма значи „божји дар“ или „врховна благодат“. Но денес, кога зборуваме за политичари, проповедници или интернет гуруа, го користиме поимот во смисла која потекнува од социологот Макс Вебер. Тој го користел терминот за да опише тип власт што не произлегува од институционални позиции, сила или традиција, туку од верувањето на следбениците дека нивниот лидер има посебна мисија и моќ. За Вебер, харизмата е својство што го издвојува поединецот од обичните луѓе.
Тој сепак пропуштил еден важен момент: харизмата не е нешто што лидерот го има – туку нешто што го прави. Таа е начин на раскажување, способност да се внесе публиката во приказна што им дава повисоко значење на нивните животи. Тоа не е исто што и шарм или слава, иако во американската култура тие често се мешаат. Харизмата е многу повеќе од умешност за комуникација или способност да се привлече внимание – ова се совладува и со упатства од прирачници од типот на „Како да стекнете пријатели и влијание врз луѓето“, а денес нив можат да ги применуваат и чет-ботови.
Најновите ВИ програми можат да глумат интерес, да поставуваат прашања и да прават да се чувствувате видено и разбрано. Но, тоа не е харизма. Харизмата не е симпатичност, туку создавање на визија со повисоко значење, што може да биде дури и одбивна или вознемирувачка за оние што не се дел од неа.
Нова книга на Моли Вортен, професор по историја на Универзитетот Северна Каролина, „Замаени: како харизмата ја има моделирано американската историја од пуританците до Трамп“ ја следи историјата на харизматичноста, од пуритански мистици и рани мормони, преку црнечкиот национализам и пентекосталните собири, култовите и гуруата за менаџмент од 1970-тите и 80-тите – па до Доналд Трамп. Малкумина од тие фигури биле убави, речити или шармантни. Но сите ветувале дека ќе откријат скриена вистина и дека страдањето на следбениците има повисока смисла – нешто што елитите не го препознаваат.
Таквите лидери не мора да се пријатни или привлечни. Џозеф Смит, основачот на Мормонската црква, бил опишан од еден скептик како „груб и смешен човек со дебели раце". Но неговите следбеници чувствувале духовно треперење само од ракување со него.
Научниците со помош на софтвер веќе анализираат класични книжевни наративи, од „Икар“ до „Пепелашка“, и откриваат универзални емоционални обрасци. Дури и големите јазични модели можат да ја „прераскажуваат“ приказната на животот според структурата на херојското патување. Но харизматичните лидери не раскажуваат универзални, туку специфични, историски вкоренети приказни. Тие се интуитивни, непредвидливи и често го менуваат курсот кога сите други одат по линија.
Така, Трамп ја градел својата приказна уште од 1980-тите, прикажувајќи се како херој-претприемач и одмаздник на „малите луѓе“. Тој е раскажувач на ерата на гнев и разочараност. Колку повеќе го критикуваат, толку повеќе неговите следбеници го обожуваат, затоа што харизмата не бара да бидете симпатичен. Дури може да е и пречка ако сакате да ја срушите пристојната фасада на политиката.
Никаков алгоритам, ниту статистички модел, не може да ја пресоздаде харизмата на Трамп или сличните на него. Неговата конфронтациска природа е спротивна на мазните, пријатни одговори на ВИ. Но и едниот и другото се реакција на времето на осаменост и отуѓеност, кога многумина бараат раскажувач што ќе им каже што значи нивниот живот.
Во минатото, луѓето ја наоѓале таа смисла во цркви, школи, клубови, извиднички друштва. Денес, тие заедници се празни. А модерниот човек останува сам со прашањето: која е мојата приказна? Харизмата, без разлика дали е од човек или од машина, ја исполнува таа потреба. Но технологијата, колку и да е напредна, сè уште не може да ја создаде.
Види претходно: 150 години од раѓањето на Макс Вебер - што е харизма?