Кога бил прашан колку џинглови за возови има создадено, 61-годишниот поранешен клавијатурист во џез-фјужн бендот Касиопеја не можел да се сети. Кога му е кажана бројката 200, бил изненаден. Улогата на „хаша мероди“ или мелодии за заминување на метроата и возовите во Јапонија кај локалците минуваат незабележано, бидејќи се пречести и секојдневни. Но за туристите звуците на електронските клавијатури или на органата кои се слушаат преку звучниците е интересен детал на нивниот престој во Токио.
Иако неговото име не е генерално познато, Mинору Мукаија има и посветени фанови, настапува на концерти пред илјадници гледачи, го следат 34.000 луѓе на Твитер, а од неодамна му е забрането да настапува на станицата Гинза - епицентарот на Токио - откако шоу во живо на оваа локација предизвикало стампедо. Обожавателите велат дека неговата музика им го одржува здравјето и ги „стоплува“ на пат кон или од канцелариите.
Всушност, тоа било и целта на воведувањето на вакви џинглови, кое почнало како дел од поголем бихејвиористички проект - да се влијае врз однесувањето на патниците за тие да не бидат нервозни, особено за време на „шпицовите“, кога возовите се 200% полни. Се гледало мелодиите да имаат и специфичен звук карактеристичен за јапонската култура, музиката да не биде ни претрадиционална но и да не биде престудено електронска. Џингловите во принцип траат 7 секунди и се различни за секоја станица. На одредени станици мелодијата асоцира на локалната историја - на пример на Такадонобаба, која е дом на популарно аниме Астро Бој, се слуша џингл верзија на музиката на шпицата на оваа серија. Додуша, имало и поплаки од жителите во близина на станиците, дека мелодиите кои по цел ден ечат почнуваат да ги излудуваат.
Џингловите му овозможиле на Мукаија да ги комбинира двете свои страсти - музиката и возовите. Ги засакал вторите како 8-годишно дете, кога бил пуштен првиот Шинкансен, „воз-куршум“, една недела пред Олимпијада во 1964. Две децении подоцна тој објавил една од првите видео игри во кои се симулира возење со воз, што го привлекло вниманието и на Плејстејшн. Играта била толку реалистична што железничарите барале да дизајнира нешто слично за обука на кондуктерите и машиновозачите.
Освен на музиката, јапонската железница многу внимава и на осветлувањето. Јапонија има една од највисоките стапки на самоубиствa во светот, а често оние кои посегнуваат по својот живот го прават тоа со фрлање од платформите. Вакви случаи во земјата има во просек еднаш дневно. Помеѓу различните решенија до кои дошла железницата во соработка со експерти било да се инсталираат мали ЛЕД панели кои емитуваат пријатна, синкава светлина. Иако делуваат како светилки против инсекти, тие всушност се наменети за спасување животи. Според истражувачи на Универзитетот во Токио чија статија е објавена во Списанието за афективни нарушувања во 2013, податоците собирани во тек на подолг период покажале 84% намалување на бројот на обиди на самоубиства на станиците каде биле инсталирани сините светла. Идејата потоа е преземена и во Велика Британија и други земји.