Државното знаме е симбол на идентитет, вредности, историја. Неговиот дизајн може да се менува по значајни историски настани, најчесто по стекнување независност. Но понекогаш тоа се прави во знак на протест и конзервирање на трауматична епизода во колективната меморија.
Такво е знамето на Бикини (слика горе), мала островска нација која во средината на минатиот век била главна територија за тестирање на нуклеарки од страна на САД. Историски, ова е дефинирано како чин на воено злосторство. За 23-те мали острови да го сочуваат споменот и истовремено да протестираат против ваквата практика, во 1987 создале знаме кое го има речиси истиот дизајн како американското, со неколку разлики. Прво, има 23 ѕвездички наместо 50, кои ги претставуваат островите. Во горниот десен агол на знамето стојат три црни ѕвезди кои ги претставуваат островите уништени од нуклеарните експлозии. Двете црни ѕвездички во долниот десен агол ги претставуваат островите кадешто во моментов се живее. Мотото на знамето е „Сè е во рацете на Господ“, потсетник на моментот кога некој генерал им рекол на островјаните да се откажат од животот тука „за доброто на светот“.
Низ историјата имало и необични случаи кога две држави сфатиле дека имаат исто знаме. Така било со Лихтенштајн и Хаити (две земји кои којзнае и дали знаеле една за друга) кога нивните екипи се појавиле на отворањето на летните Олимписки игри во Берлин во 1936. Горе сино, долу црвено, и тоа во сосема истите нијанси. Ова го поттикнало Лихтенштајн следната година да ја додаде круната на актуелното знаме. Знамето на Хаити, пак, е променето дури во 1987, а во средина стои државниот грб.
Кaко последна држава која била придодадена кон САД, Хаваи секогаш имала специфична култура и историја. Еден од најчудните аспекти е нејзиното знаме - тоа е единствената држава која го содржи британскиот „јунион џек“ дизајн. но Хаваи никогаш не била територија на Британија, за разлика од поголемиот дел од САД. Знамето е делумно резултат на фактот дека островот бил „откриен“ од страна на Британецот Џејмс Кук. Со британска помош, островите биле прв пат обединети под еден Устав. Без таа унификација, тешко дека САД би имале интерес за овој мал остров.