Во еден од текстовите по повод смртта на Вилијамс се спомнува интересен детал, а поврзан со еден од највпечатливите ликови од неговата кариера - оној на професорот Џон Китинг од „Друштвото на мртвите поети". Лајтомотив во филмот е стихот „О, капетане! Мој капетане" од истоимената песна на Витман, кој станува емоционална нишка на поврзување помеѓу него и неговите ученици.
Во книгата разговори со Дејвид Фостер Валас, чиј „Бескраен потсмев" (Infinite Jest) се смета за еден од најдобрите романи напишани на англиски на 20. век, а кој се самоуби во 2008, американскиот лексикограф Брајан Гарнер сосема патемно спомнува како гласел мејлот на Валас преку кој се допишувале - ocapmycap@. Провајдерот се менувал со текот на годините, но ова останало исто. Покрај сите, понекогаш натегнати поврзувања кои следат по нечија трагична смрт, ова на самоубиството на Валас (со бесење, заради депресија) и она на Вилијамс (на ист начин и од истите причини) и присуството на ликот на Витмановиот Капетан во обата нивни животи, можеби е случаен, но сепак е интересен факт.
За што е таа песна чиј стих многумина го цитираат, без да ја имаат прочитано? Витман во 1865 му ја посветил на Абрахам Линколн, американскиот претседател кој беше жртва на атентат, поистоветувајќи го со Капетан кого смртта го соборува токму во мигот кога бродот (земјата) спокојно пристигнува во пристаништето по тежок поход. Дали ова може да се толкува и како метафора на еден живот (на Валас, Вилијамс но и на многумина други), кој иако навидум ги доживеал своите врвови - пари, слава, букети и венци - сепак останува несреќен и студен, без пулс и животен ентузијазам? Секако, ниту Валас ниту Вилијамс не се самите автори на песната, а Витман умрел на 72 од последици на пневмонија, не од своја рака. Па сепак, отсега ова ќе биде едно од толкувањата кои ќе ни паѓа на памет секогаш кога ќе помислиме на „О, Капетане! Мој Капетане".
Еве еден превод на песната кој на наша молба го направи Љупчо Бочваров.
1
О, Капетане! Мој Капетане! Сврши нашиот поход страден!
Ал налети бродот издржа, очекуваната награда ни се даде!
Пристанот е близу, слушам камбаани, сите луѓе се восхитени
од бродови чии едра со неумоливост и смелост се закитени.
Но, о, срце! Срце што ми тежиш!
О, крвавечки капки на јадот црвен!
На палубата мојот Капетан лежи,
соборен, ладен, од смртта здрвен.
2
О Капетане! Мој Капетане! Стани и чуј ги ѕвоната што бијат.
Стани, за тебе знамиња се развеани, за тебе трубите вијат.
На брегот, со букети, ленти и венци, толпата луѓе се збрани,
за тебе вика таа лелеава маса и лица желни кон тебе страни.
Овде е Капетанот, драгиот татко, овде е он!
На палубата, ние како да сме во некој сон:
преграткава твојата глава ја крепи,
ти кутнат, студен, и смрт ти се лепи!
3
Нема одзив од мојот Капетан, усните му се бледи и неми.
Мојот татко преграткава не ја сети, нема пулс или немир.
Бродот е закотвен на безбедно, ја оствари својата цел,
од страшниот поход излезе како победник и остана цел.
Восхитувајте се, о, брегови, и ѕвоната нека бијат,
но мојот чекор на палубата го сопиња лоша стија!
Нажален сум и болка во срцево ми тежи,
дур соборен и мртов мојот Капетан лежи.
Оригиналот тука
Исечокот од крајот на филмот: