Овие изрази стручно се нарекуваат „перформативи" - сами по себе тие изразуваат едноставна мисла, како „Го пишувам ова за да ти кажам дека..". На прв поглед изгледаат безопасни, формални, дури и учтиви. Но кога се вовед во нешто кое следи, често најавуваат лоши вести.
Во текст oбјавен во WSJ, Џејмс В. Пенбејкер од одделението за психологија на Универзитетот Тексас, кој ги истражува ваквите „говорни чинови", вели дека „учтивоста е само друг збор за измама", односно дека (не)свесната поента на ваквите воведи е да се формализираат социјалните односи за да не мора да ги разоткриете вашите вистински намери.
Иако не постојат детални истражувања на оваа тема, изгледа дека ваквите изрази подеднакво ги користат и мажите и жените, и дека нивната употреба се зголемува како резултат на социјалните мрежи, каде често се користат фрази како „мислам дека.." или „колку што знам" за да се одбегне заземање дефинитивна позиција. На тој начин ние и емотивно се дистанцираме себеси од она што го кажуваме, а оставаме и простор за повлекување ако некој ни замери за напишаното.
Иако преку нив не лажеме директно, сепак овие изрази можат да послужат како „жолти светла". Ако забележите дека премногу ги користите, тогаш можеби на луѓето околу вас често им соопштувате непријатни вистини. Или кажете им ги директно, или поќутете си. „Не ме сфаќај погрешно.." или „Не го сфаќај ова лично“ (како бре да го сфатам, ко група?) е соопштување со „иле", обид да се избегнат последиците од некаков став. Има и други начини да бидете дипломат. Едно обично „пффф" придружено со превртување на очите доволно ќе му каже на соговорникот без непотребни воведи.