пишува: Џени Диски, London Review of Books
Ако ја оставиме настрана неспоредливата суровост и глупавост на човечките суштества, нашата најпостојана и најирационална активност е да спиеме. Зошто би си дозволиле да се исклучиме, доколку спиењето би било само опција? Тоа е толку oпасно место оддалечено од свесноста: кој при здрава памет би се откажал од тоа да има контрола врз своите сетила, би волонтирал да биде парализиран и би ризикувал да му се случат ужасни нешта (и полошо) додека не е на штрек? Како главен научник одговорен за создавање подобар свет, откако еднаш ќе се осигурам дека мажите ќе можат да раѓаат, или барем да дојат, би се посветила на укинувањето на потребата oд спиење. Освен ризиците на спуштањето на гардот, тука во прашање е и времето. Наместо да се обидуваат да ги продолжат животите на човечките тела вон нивната клеточна издржливост, мажите и жените во бели мантили би можеле да проучуваат начини за да го искористат сето она време кое го минуваме спиејќи. Тоа е - велат третина од нашите животи, и тоа веројатно не ја зема предвид попладневната дремка. Дури и кога би умреле на она што денес се смета за младешки 70-ти години, наоѓањето начин да се остане буден би го зголемило нашиот функционален живот до еквивалентот на 93. А ако случајно поживееме до 93, тогаш ефективно би биле...уф, многу постари. Плус времето за дремка. Спиењето - така ни велат - е од суштинско значење, за обновување на енергијата на телото и на умот, но и сексот некогаш служел само за репродукција, па сепак сме нашле дупка и во тоа биолошко ограничување.
Укинувањето на потребата за спиење истовремено би го укинала и второто најапсурдно нешто со кое се соочуваме секој ден: будењето. Може да купиш аларм кој се рекламира во онакви каталози на крајно неопходни производи, како ЛЕД дигитално-музичка-метеролошка-станица-фоторамка, што е истовремено и сушач на нокти. Алармот станува универзален теренец. Ако не го исклучиш веднаш, се стркалува од полицата и се шета низ спалната со бипкање и со светкање додека не ти скисне, па мораш да станеш и да го бркаш низ соба. Или онаков аларм-дрон кој полетува од својата база и лета наоколу испуштајќи звук на бесен комарец. Ваквите екстремни мерки - кои сигурно се контраиндицирани во смисла на здравје и безбедност - сугерираат дека будењето не е толку популарно како што се мисли.
(...) Спиењето е ништо: постоење само во смисла на очекување или помнење. На соништата се сеќаваме подоцна како наратив или избледени чувства, но тие не се искусени од мене, затоа што во сонот нема „јас“, Сонувачот понекогаш по грешка се идентификува со мене, или јас го правам тоа за него, но всушност сонот е состојба на кома, смрт, неволеви грчеви или парализа за кои можам да знам само доколку некој (вклучително и јас самата) ми каже за тоа подоцна. Несвесноста сама по себе е посакувана, но само како очекување или во ретроспектива. Очигледно, ова спаѓа во самата дефиниција на феноменот. Спиењето, додека се случува, не претставува ништо за спијачот. Да ја земеме за пример мачката, која ги стега шепите и ги мрда мустаќите, преде или мрмори. Гледајте ги луѓето кои спијат како се смеат или мрморат или мрчат или се грчат. Набљудувачот знае за ова, гледајќи го - но вие не. Подоцна може да се сетите на истото или да го почувствувате, но единственото вистинско искуство на спиењето е не-знаењето. И тоа не-знаење ме возбудува, ретроспективно или како очекување. Способноста да се биде не тука, а притоа да не се биде никаде на друго место. Да се биде свесен, но и свесно да се губи свесноста. Мојот прв експеримент со дроги беше вдишување етер за да се онесвестам, а будењето после тоа изгледаше како да сум била отсутна цела вечност - всушност поминале само неколку моменти. Дури и отсуството ми беше мистериозно, бидејќи кога ќе се вратев помнев цели саги од соништа, како да сум ги искусила. Тоа беше голема авантура во смисла на временско патување и на исчезнување. Но тогаш соништата станаа кошмари. Тук и таму можам да се присетам на онаа секунда или две откако анестетикот ќе проработеше - броење наназад од 10 - 10, 9, 8, 7, 9...9...9...Држењето до наративот колку што е можно подолго. Истата кратка средба со тоа да бидеш и со тоа да не бидеш. Но потоа настапува постоперативната болка, како и морфинот за да се разбудиш: состојба на хипнопомпија (халуцинации при будење) обезбедена од Министерството за здравство.
Хипнопомпијата е компензација на спротивниот крај од спиењето. Бруталоста на будењето, ако не мора да бркате летачки часовник, е омекната од еднакво и спротивно замаглување на свесноста. Бавно пристигнување. Држење до сонот, лебдење во земјата на Хипнос колку што е можно подолго. Во една анегдота Јунг прашува нов пациент кој е патолошки анксиозен, писател кој има блокада, да го опише детално својот ден.
„Па, се будам, станувам и...“.
„Стоп!“, рекол Јунг. „Тука грешиш“.
Целиот есеј тука