„Драг Трајче,
Пред дваесет години ти ја испратив оваа збирка од четириесетина кратки драми од познати и помалку познати автори. Слушнав дека ќе си ги поставувал, па сега ти одбери. Немој повеќе од десет и те молам посвети внимание на апсурдот, човечката немоќ во комуникацијата, недоразбирањето, тоталитаризмот. И не се нервирај многу, затоа што повеќе или помалку сè е бесмислено.
ПС. Овде е подобро....мислам....не знам...
Јован Ќирилов, 1 октомври 2019“
Овој текст во каталогот за новата претстава чија премиера се одржа на 25.11 на малата сцена на МНТ, на прво читање изгледа како вистинска преписка меѓу режисерот Ѓоргиев и составувачот на антологијата „Најкратки драми на светот“, стара точно 20 години. Но со оглед на тоа што Јован Ќирилов почина во 2014, таа станува скриена порака до гледачот за таложењето на желбата и мислата за поставување на дел од овие пиеси, но и за влез во димензија во која тие комуницираат со публиката не само преку своите автори и претходни изведби, туку и преку човекот кој долги години ги бирал, како ретки и скапоцени трофеи во жанрот на минијатурата.
Нивната форма не е само кратка, туку и (речиси) најкратка што може да биде за да претставува осмислена драмска целина. И иако ова звучи како за Гинис, тоа сепак не е доминантниот квалитет на изборот, односно на оваа претстава. Далеку од само драмски куриозитет, обете содржат „зипувани“ приказни и пораки кои се акцентирани токму затоа што се брзопотезни, кратки и ефикасни, како карате зафат со кој се кршат повеќе слоеви одеднаш - емоционалната черупка на гледачите, корката на приказната под која ѕирка мекото зајре, и слојот на пресеченото време, во кое се нема време да се посегне среде претстава ни по мобилниот телефон, од досада, навика или просто од нервоза.
Од четириесетината минијатури во книгата, Ѓоргиев одбрал точно десет (со тоа што едната се повторува, со различни актери), кои меѓу другото се и пресек на театарот на 20 век. Во збирката на Ќирилов тие се во хронолошка низа, и од најразлични автори, од кои некои се и анонимни, како народните создавачи на духовитата игра „Гаќи и кошула“ која ја запишал виенскиот фолклорист Фридрих Краус на почетокот на 20 век. Некои од застапените автори и не се драматурзи и писатели, како Шопенхауер, чија филозофска поука во драмски облик исто така се наоѓа во книгата. На сцената на МНТ пак се претставени пиеси од нам помалку познати автори, како Муза Павловна („Од животот на еден принц“), родена во Перм 1917, која поголемиот дел од својот живот го посветила на жанрот на драмската минијатура или Били К. Велс („Мое“) - бродвејски драматург кој главно работел на мјузикли, но и попознати автори како Николај Кољада („По московско време“) или Чехов („Сеќавање“). Иако се запишани и изведени како кратки, тие можат да се замислат и како никулци на подолги претстави, чие дејство би можело да се развива во повеќе насоки. Но како и со книжевното хаику, тогаш можеби нешто би се добило, но нешто и неповратно би се загубило.
Дарко Јан Спасов, кој го има направено луцидниот превод и адаптацијата на текстовите, во спомнатиот каталог вели дека најмалиот заеднички содржател на пиесите е тоа што тие го повикуваат хуморот како спас од вртлогот на безизлезноста. И точно е, се насмеавме на дијалогот помеѓу спикерките на Московското радио со нивниот анонимен слушател кој ги пцуе вестите додека си ја јаде порцијата боршч. Се восхитивме од тоа како може во само неколку минути да се претстави еден цел живот со сите свои заплети во „Брза брзина“. Да се исценира дијалог помеѓу двајца самоубијци, кои имаат заедничка, и комична причина за својот радикален потег. Да се почувствуваме како двајцата затвореници со нивните кактуси, чија единствена желба е едноставно да бидат. Да се увериме, по кој знае кој пат, дека приказните од реалниот живот на една чистачка можат да бидат потрагични од еден „Хамлет“. И да сфатиме дека она што обично се подразбира, и до некаде се потценува како „етида“ или „драмска цртичка“, како зен коан може да ја содржи сета мудрост на овој свет.
Илина, Букбокс
„Најкратки драми на светот“
Снежана Коневска-Руси (која со оваа претстава го одбележува своето пензионирање)
Габриела Петрушевска
Марија Новак
Нино Леви
Кире Ѓоревски
режија и адаптација: Трајче Георгиев
драматург, преведувач, адаптација, избор на музика: Дарко Јан Спасов