„Носно нуркање: теренски водич за светските мириси“ од Харолд МекГи
(688 страници)
МекГи е еден од најпознатите автори кои пишува за науката за готвењето. Тој ја истражува хемијата и психологијата на секој мирис кој би можеле да го сретнеме, од цвеќиња и ароми на храна, до распаѓање и смрт. Тој во форма на мисловно-сетилен експеримент (да, и тоа е можно) прави дури и замислено патување во светот на мирисите во вселената.
„Правила на заразување: зошто нештата се шират, и како да ги запреме“ од Адам Кучарски (352 стр.)
Кучарски е епидемиолог на Лондонската школа за хигиена и тропска медицина, кој ја завршил оваа своја книга непосредно пред пандемијата. Оттаму, таа не се однесува директно на ширењето на КОВИД-19, но обезбедува добра основа за она што е потребно да се знае за инфекциите општо. Притоа под „ширење“ се мисли не само на вируси и бактерии, туку и на сите погрешни информации поврзани со нив.
„Ковид-19: пандемијата која не требаше да се случи и како да се спречи следната“ од Дебора МекКензи
(304 стр.)
Долгогодишна новинарка која се занимава со теми од областа на здравјето, и која покривала и претходни епидемии, МекКензи овој пат пишува за науката и политиката на Ковид-19. Таа јасно и детално го опишува потеклото на болеста во Кина и светската неспособност да се справи со пандемијата.
„Што е животот?: разбирање на биологијата во пет чекори“ од Пол Нурс (224 страници)
Неколкумина научници имаат напишано книги во чиј наслов се содржи прашањето „што е животот?“. Една од нив е на Ервин Шредингер (оној со мачката) чие издание од 1944 се смета за еден од најголемите интелектуални придонеси на науката на 20 век. Нурс е добитник на Нобелова награда, не е толку амбициозен како Шредингер, но токму во таа непретенциозност и се состои овој концизен преглед на биолошките, хемиските и физичките елементи кои ги одделуваат живите од неживите нешта.
„Објаснување на луѓето: што може науката да не научи за животот, љубовта и врските“ од Камила Панг
(256 стр.)
Панг е 28-годишна постдокторантка по биоинформатика, која го истражува човечкото однесување преку призмата на сопствената хиперактивност и припадност на аутистичниот спектар. Книгата е добитник на признанието на Кралското здружение на наука за оваа година.
„Светот според физиката“ од Џим Ал-Калили
(336 стр.)
Иако оваа книга покрива добро разгазена територија, Ал-Калили покажува со нова јасност кои се трите столбови на модерната физика - квантната теорија, релативноста и термонидамиката. Тие три според него треба да се зближат за да обезбедат поцелосна слика на реалноста. Авторот е професор по физика и популаризатор на наука, кој според критичарите ја објаснува често тешката материја за лаици со едноставност и елеганција.