Жирито го опишало делото како „исклучително вешто напишан роман кој го води читателот во авантуристичко патување во самото срце на тоталитарна Северна Кореја, и во најскришните предели на човечкото срце".
Џонсон, инаку професор по англиски јазик на Универзитетот Стенфорд, за да ја напише книгата некое време живеел во Северна Кореја. „Сакав да прикажам како е да се биде обичен човек во оваа земја. Таму на граѓаните им е забрането да комуницираат со странци, па нив можев да ги запознаам само преку фантазија", изјавил тој, додавајќи дека било речиси надреално да се шета помеѓу илјадниците луѓе на улиците на Пјонгјанг и да се забележи дека сите мажи имаат идентични фризури, сите носат исти, сини чевли, а илјадници жени на себе ставаат сосема иста нијанса кармин.
Објавувањето на овогодинешната награда за проза беше дочекано со олеснување. Имено, минатата година, од непознати причини, бордот на Пулицер одби да ја додели токму оваа награда, и покрај постоењето тројца финалисти, што предизвика големо негодување. „Пулицер е премногу престижна и суштинска награда за љубителите на книги, писателите и издавачката индустрија за да биде вака неодговорно недоделена", беше реакцијата на една книжевна критичарка објавена во Вашингтон пост, со која се согласија многумина.
Наградата за поезија ѝ е доделена на Шерон Олд за книгата „Скокот на Стег", која зборува за нејзиниот болен развод од сопругот. Том Рис е награден за биографската книга за Александар Дима, првиот црн генерал во француската историја, татко односно дедо на познатите писатели со истото име („Црниот гроф: слава, револуција, предавство и реалниот гроф Монте Кристо"), а наградата за публицистика му е доделена на Гилберт Кинг за книга посветена на расната нееднаквост на Флорида во 1949 (Devil in the Grove: Thurgood Marshall, the Groveland Boys and the Dawn of a New America).