Во текот на ничеанскиот амбис на почетокот на пандемијата, светол хумористичен пример за она што се случуваше беше еден германски збор: Hamsterkauf или „пазарување како ’рчко“ (вид глодар). Терминот прв пат се појавил во текот на Втората светска војна, но повторно се актуелизираше во германските медиуми минатиот март. Кованицата опишува чин на подлегнување на нашите најосновни животински инстинкти за трупање на повеќе нешта отколку што можеме да потрошиме, слично на особината на ’рчкото да бута храна додека ја има, без оглед што потоа може да се заглави во некоја дупка и да се загуши.
Германците се познати по ковање единствен збор кој опишува нешто многу специфично, за кое во друг јазик никогаш не би постоел еден термин. Изминатата година се забележани над 1000 нови германски ендемски изрази за актуелните случувања. Најчест начин е комбинирање на именка и придавка, а богами на сето тоа може да се придодаде и некој глагол. На пример: Maskenarschloch - маскошупак, или некој кој одбива да носи маска (веројатно се однесува и на жени). Geisterspieltag буквално е „духоиграчки ден“ односно ја опишува практиката на играње фудбал на празен стадион. На оваа твитер нишка има поголем број примери, меѓу кои coronamüde (умор од ковид) или Impfneid (завист кон некој што се вакцинирал). Abstandsbier е „пиво на дистанца“. Најинтересен сепак е Öffnungsdiskusionorgie, буквално „оргија од дискусии во врска со отворањето/прекинот на карантинот“.
Каков лингвистички цајтгајст - коронацајт!