- Гостувања на десет европски автори, четириесеттина македонски учесници од различни генерации, претставници на реномирани издавачки куќи и фестивали од пет држави од регионот, ќе донесе фестивалот Букстар (Book Star) што почнува денеска под мотото „Ве молиме, вознемирувајте“ („Please do disturb“).
- Во Скопје следните денови ќе биде собран кремот на европската литература: Наџат ел Хачми (Шпанија) – добитничка на наградата „BookStar“, Миљенко Јерговиќ (Хрватска / Босна и Херцеговина), Лидија Димковска (Македонија / Словенија), Бранко Росиќ (Србија), Драго Гламузина (Хрватска), Луцие Фаулерова (Чешка), Стефан Хертманс (Белгија), Ања Мугерли (Словенија), Франсис Кирпс (Луксембург) и Софи Хана (Обединетото Кралство), најавуваат организаторите.
- „BookStar“ e и прв книжевен фестивал кој ќе понуди превод на дел од настаните на знаковен јазик на сцената на кино „Фросина“ во МКЦ. За таа цел доволно е читателите да го побараат знакчето на „Talking hands“ / „Раце што зборуваат“ во програмата и ќе увидат кои настани се од инклузивен карактер.
- Целосната програма на линкот.
- Независната продукција на „Госпоѓица Јулија“, по текст на Аугуст Стриндберг, а во режија на Иван Јерчиќ, ќе биде изведена во културниот и едукативен центар Лабораториум во петок, 13 ноември, во 20 часот.
- Претставата првично е поставена и редовно се игра во КИЦ Офицерски Дом во Битола, а ова е нејзиното прво гостување во Скопје. Улогите ги толкуваат Викторија Степановска Јанкуловска, Никола Стефанов и Марија Стефановска, а сценскиот дизајн е на Марта Дојчиновска.
- За претставата се вели дека е „современо читање на Стриндберг кое не нуди утеха, ниту морални одговори. Наместо тоа, полека и прецизно ги отвора пукнатините во човекот, таму каде што моќта, желбата и манипулацијата престануваат да бидат општествени категории и стануваат интимна состојба. Претставата има речиси скандинавска студеност.“
Билети на МКТикетс и на влез пред почеток на претставата.
- Младиот ликовен уметник од Кочани, Давид Јосифов, во културниот и едукативен центар Лабораториум ќе го претстави своето дело „Змејот од Плачковица“, триптих од скулптури во акрил на метал Отворањето на изложбата ќе се одржи во четврток на 12 ноември во 20 часот.
- Давид е студент на Факултетот за ликовни уметности во Скопје и последниве неколку години се фокусирал во ѕидното сликарство. Со „Змејот од Плачковица“, тој се впушта во тродимензионален израз. Идејата од самиот почеток на резиденцијата беше да се работи со разновидни рециклирани и индустриски материјали кои упатуваат на еколошки и општествени прашања, со посебен фокус на ликот на змејот како заштитник на природата.
- Делото е развиено во рамки на резиденцијалната програма „Нови Лица“, во соработка со менторот Владимир Благојевиќ, дипломиран етнолог, музејски едукатор, истакнат уметник, илустратор и автор на медиумски програми од областа на уметноста.
- Ова е нова резиденција во рамки на програмата „Нови Лица“ во Лабораториум, во која претходно Јана Наскова имаше изложба на фотографии „Од шкафот“, Канита Кеј Зеќировиќ го промовираше фанзинот „Наши“, Кристина Таневска работеше мурал во Лабораториум, а Дамјан Чемерски, Давид Станковиќ и Лука Петковски го презентираа мултимедијалниот музички проект „Dаvidian“.