Наједноставниот јазик во светот со помалку од 150 зборови

Иако современите јазици имаат стотици илјади, па и милиони зборови, понекогаш сепак тешко ја изразуваме „суштината на животот“. Токму затоа вниманието го привлекува Токи Пона – вештачки создаден јазик со околу 137 основни зборови, кој се смета за еден од наједноставните во светот.

Јазикот Токи Пона го има создадено канадската лингвистка Соња Ланг во 2001 година. Нејзината идеја била со околу 120 зборови да се обиде да ја поедностави и разбере „суштината на животот“. Денес јазикот има илјадници говорители, а во 2022 година доби и официјален ISO-код, „ток“ (меѓународно стандардизирана кратенка што служи за прецизно означување на јазици, за да нема забуна во меѓународна комуникација), што му даде дополнителна тежина.

Јазикот е инспириран од повеќе светски јазици, меѓу кои англиски, холандски, фински и мандарински. Она што го прави посебен е неговата минималистичка структура. Нема членови како „a“, „an“ или „the“, нема граматички времиња, а глаголите немаат различни форми. Нема ни граматички родови, што во други јазици често создава потешкотии.

Во Токи Пона постојат само три заменки: ми (јас, ние); сина (ти, вие); она (тој, таа, тоа, тие). Зборовите се широки по значење и можат да означуваат повеќе поими одеднаш. Наместо голем речник, јазикот се потпира на комбинирање на едноставни концепти. Секој збор може да функционира како именка, глагол или придавка, зависно од местото во реченицата. Со редење на модификатори постепено се прецизира значењето.

Популарниот јутјубер и љубител на јазици Роб Вотс го нарекува Токи Пона „чуден, но фасцинантен“ јазик и објаснува дека неговата сила лежи токму во економичноста – мал број зборови со многу широки значења.

Сепак, истражувањата покажуваат дека помал речник може да има когнитивни ограничувања. Студија од 2014 година покажала дека децата со помал вокабулар побавно и помалку прецизно ги обработуваат зборовите во споредба со врсниците со поголем речник. И покрај тоа, Токи Пона останува привлечен за многумина токму поради својата едноставност. За луѓето кои сакаат да научат нов јазик без сложена граматика, овој минималистички систем нуди необично, но достапно решение.

4 март 2026 - 09:04