Психопати не постојат?

Поимот „психопат“ е длабоко вкоренет во популарната култура, во филмовите и трилер-романите. Често го или ја замислуваме како личност без совест, без емпатија и без емоции – некој што манипулира со другите и е склон кон насилство. Но според современи истражувања во психологијата и филозофијата на науката, луѓето кои ги нарекуваме психопати можеби не припаѓаат на посебна психолошка група, туку се многу различни луѓе со различни проблеми, карактери или животни приказни.

Психопатската личност или психопатијата долго време се смета за едно од најстарите и најистражувани ментални нарушувања. Еден од најраните описи се појавува во 1786 година, кога американскиот лекар Бенџамин Раш пишувал за состојба што ја нарекол „морално растројство“, при која човек наводно ја губи способноста да разликува добро од зло. Така постепено се појавила идејата за „психопат“ – личност со биолошко нарушување што го спречува нормалното морално и општествено однесување.

Во современата психологија психопатите најчесто се опишуваат преку карактеристики како недостаток на емпатија, каење и совест, како и преку однесувања како манипулација, патолошко лажење или склоност кон насилство. Психологот Роберт Хејр, еден од најпознатите истражувачи на оваа тема, ги опишува како „социјални предатори“ кои ги користат другите луѓе за сопствена корист, без чувство на вина.

Овој лик е многу присутен и во популарната култура – во романи, филмови и телевизиски серии. Ликови како убиецот Антон Чигур од филмот „Нема земја за стари луѓе“ (No Country For Old Men) го претставуваат типичниот стереотип на психопат: ладнокрвен, без емоции и морални дилеми.

Но научните истражувања во последните децении покажуваат дека ваквата претстава е проблематична. Иако постојат стотици студии за психопатијата, голем број од најчестите тврдења за неа немаат доволна емпириска потврда. Напротив, тие не успеваат да најдат јасна разлика меѓу луѓе дијагностицирани како психопати и другите луѓе, недијагностицирани или дијагностицирани со други нарушувања.

На пример, широко распространето е верувањето дека психопатите немаат емпатија. Но систематски преглед на 66 студии со повеќе од 5.700 испитаници покажал дека резултатите во најголемиот број случаи не покажуваат разлика во способноста за препознавање и разбирање на туѓите емоции. Во речиси 90 проценти од тестовите немало статистички значајна разлика меѓу групите.

Слична е ситуацијата и со тврдењето дека психопатите немаат емоции. Оваа идеја била популаризирана од психијатарот Херви Клекли во книгата „Маската на нормалноста“ од 1941 година. Тој сметал дека психопатите имаат многу плитки емоции, но умеат да го прикријат тоа и да изгледаат нормално. Сепак, подоцнежните истражувања што ги мерат физиолошките реакции – како срцев ритам, активност на мозокот или проводливост на кожата – не пронашле убедливи докази дека луѓето со дијагноза психопатија навистина имаат поразлични емоционални реакции.

Во многу експерименти не се пронајдени значајни разлики меѓу психопатите и контролните групи. Со текот на времето се покажало дека многу од раните студии биле методолошки слаби или давале резултати што подоцна не можеле да се повторуваат.

Слична судбина имаат и други тврдења – дека психопатите се исклучително опасни, дека имаат слабa самоконтролa, дека не реагираат на психотерапија или дека имаат специфични генетски или мозочни особености. Во повеќето случаи, понатамошните истражувања не успеваат да ги потврдат овие претпоставки.

Ова создава необична ситуација: ако психопатијата навистина претставува екстремно психолошко нарушување, научниците би требало лесно да ги измерaт нејзините карактеристики. Но тоа постојано изостанува.

Едно објаснување е дека личносните нарушувања се премногу сложени за да се проучуваат со постојните научни методи. Според ова гледиште, психопатијата можеби постои, но инструментите што ги користат научниците не се доволно прецизни за да ја откријат. Сепак, критичарите на ова објаснување истакнуваат дека современата психологија располага со напредни методи – од невроимиџинг до сложени статистички модели – и дека ако навистина постоеле толку изразени разлики, тие веќе би биле забележани.

Друго објаснување е дека научниците сè уште не нашле вистински начин да ги идентификуваат „вистинските“ психопати. Најчесто се користи инструмент наречен Психопатска листа на Хејр (PCL-R), но некои истражувачи сметаат дека и таа има недостатоци. Сепак, дури и кога се користат други методи за проценка, резултатите ретко ги потврдуваат популарните тврдења за психопатијата.

Поради тоа некои научници предлагаат порадикална можност: психопатијата можеби е „зомби-идеја“. Тоа се идеи што звучат убедливо и привлечно, но научните докази не ги поддржуваат. Во историјата на науката имало слични примери – како френологијата или теориите за биолошките раси – кои долго време биле прифатени и покрај тоа што доказите постепено покажувале дека се погрешни.

Интересно е што дури и познатите сериски убијци често не се вклопуваат во класичниот опис на психопат. На пример, Тед Банди, кого многумина го сметаат за типичен психопат, имал сложена историја на психолошки проблеми, несигурност и зависности, како и реални емоционални врски со луѓето околу него.

Историски гледано, психопатијата долго време била контроверзен поим. Во 1970-тите и 1980-тите многу психијатри и психолози сметале дека тоа е нејасна и проблематична дијагноза. Некои ја опишувале како „митски поим“ или како „дијагноза за отпадници“, што се користи кога нема подобро објаснување за нечие однесување. Сепак, во 1990-тите интересот за оваа тема нагло пораснал. Дел од причините може да се поврзат со политиките против криминалот во тоа време, како и со културната фасцинација со сериски убијци во филмови и медиуми.

Денес, по стотици научни студии, голем број истражувачи заклучуваат дека акумулираните докази не ја потврдуваат идејата за психопатија како јасно дефинирано психолошко нарушување. Наместо тоа, тие ја доведуваат под сериозно сомневање. Затоа тие сметаат дека е време науката критички да го преиспита овој концепт и можеби целосно да го напушти.

извор

5 март 2026 - 13:32