Кога Франко Тринкале бил чирак во берберница, во паузите на муштериите им пеел сицилијански песни, додека неговиот шеф свирел гитара. Тогаш не можел ни да замисли дека еден ден ќе стане еден од последните големи кантастори (canta -пеење+storia-приказна) во Италија – традиција на патувачки музичари кои ја раскажуваат актуелната вест преку песни. Уште помалку можел да претпостави дека ќе продолжи да настапува и на деведесет години, во дом за стари лица.
Во текот на шест децении Тринкале пеел по улиците на Милано за важни историски настани – од тероризмот во 1970-тите до изборот на Берлускони и војната во Ирак. Објавил повеќе од триесет албуми и настапувал на различни места во светот, од СССР до САД. Неговите песни често биле поврзани со борбата за работнички права и со протестите на работниците.
Тринкале е роден во 1939 година во малото сицилијанско место Милитело во Вал ди Катанија, но речиси целиот живот го поминал во Милано. Денес живее во дом за стари лица, каде што и понатаму организира концерти. Неодамна, за Денот на вљубените приредил настап пред околу 150 жители на домот и нивните семејства. Во првиот ред седела неговата сопруга Лина, која боледува од Алцхајмерова болест и комуницира само со поглед.
Во минатото, кога многу Италијанци биле неписмени, доаѓањето на „кантасторие“ во некое место било голем настан. Овие музичари со гитара или хармоника пееле песни во кои ги раскажувале актуелните настани, често придружени со големи илустрирани плакати. Традицијата потекнува од средновековните трубадури, но кантасторите се разликуваат по тоа што нивните песни се базираат на вистински настани. Исто така, таа не е ограничена на Европа - вакви приказнопејачи имало и во Индија, Тибет, Јапонија. Во Германија постоеле со векови додека нацистите не ја забраниле практиката во 1940.
Традиционално тие живееле од доброволни прилози на публиката и од продажба на листови со текстовите на песните. Во периодот меѓу 1920-тите и 1970-тите во Италија познати кантастори како Чичо Бусака, Отело Профацио, Роза Балистриери и Марино Пјаца пееле песни за драматични вистински приказни – убиства, одмазди, миграција, мафија, па дури и меѓународна политика.
Тринкале станал кантасторие од практична потреба. Откако ја напуштил морнарицата и не успеал во продажба на зеленчук, решил да се посвети на пеењето. Во 1959 година се преселил во Милано, каде што прво пеел традиционални неаполски песни на улица, а потоа настапувал пред фабрики каде што работеле илјадници мигранти од јужна Италија. Таму го развил својот стил што го нарекувал „новинарство во песни“.
Бидејќи работниците имале кратки паузи, наместо долги балади Тринкале почнал да пишува кратки песни од неколку минути. Во нив зборувал за работничките проблеми и условите за работа, често користејќи идеи и предлози од самите работници. Често се занимавал и со вистински криминални случаи. Една од неговите најпознати песни е за киднапирањето и убиството на дванаесетгодишниот Ермано Лаворини во 1969 година. Песните ги следеле настаните од истрагата речиси во реално време и на некој начин го најавиле современиот жанр на тру-крајм подкасти.
Подоцна Тринкале редовно настапувал на плоштадот Пјаца Дуомо во Милано, пеејќи за корупциски скандали, за самитот Г8 во Џенова и за појавата на мобилните телефони. Во 2002 година Силвио Берлускони дури побарал судењето против него да се премести од Милано, тврдејќи дека песните на Тринкале што го исмејуваат создаваат пристрасна атмосфера.
За својата работа Тринкале добил бројни признанија: градот Милано му доделил медал, италијанската влада му дала доживотна пензија за уметнички заслуги, а во неговиот роден град е отворен и музеј посветен на неговата кариера.