За наши услови се уште многу необично, но за светот одамна познато - технолошките компании често вработуваат психолози, антрополози, а во случајов и филозофи. Аманда Аскел е резидентен филозоф во Антропик, а нејзината работа е да го проучува начинот на кој размислува моделот Клод и преку долги разговори да му изгради одреден карактер. Со тие инструкции – кои понекогаш се долги и над сто страници – таа се обидува да му даде морална рамка, нешто што симболично го нарекува „дигитална душа“, која ќе го води во милионите разговори што ги води со луѓе секоја недела.
Аскел смета дека кај овие модели постои нешто што личи на човечки елемент и дека со време тие ќе развијат некакво чувство за себе. Својата работа ја споредува со воспитување дете: го учи Клод да разликува добро од лошо, да чита суптилни сигнали во разговорите и да развие емоционална интелигенција – за да не се однесува ни како насилник, ни како некој што дозволува да го газат. Важен дел од задачата е и да му помогне да изгради стабилна слика за себе, за да не биде лесно манипулиран и секогаш да се гледа како корисен и хуман помошник. Накратко, нејзината работа е да го научи Клод како да биде „добар“.
Компанијата Антропик денес вреди околу 350 милијарди долари и е една од фирмите што ја туркаат напред големата технолошка трансформација поврзана со вештачката интелигенција. Но оваа технологија носи и стравови – од губење работни места до чудни емоционални врски што некои луѓе ги создаваат со чет-ботови. Во таква атмосфера, фирмата има необичен пристап: голем дел од размислувањето за карактерот на моделот му го доверува на еден човек – токму на Аскел.
Таа е филозофка образувана на Оксфорд и потекнува од рурална Шкотска. По изглед и стил во видеата делува како мешавина од панк естетика и академска сериозност: платинесто руса коса, откачен стил на облекување и јасни ставови. Во исто време е и страствен вежбач со тегови и човек што сака практични разговори, а не мистични филозофски говори. Аскел има прилично оптимистичен поглед на иднината на вештачката интелигенција. Таа верува дека општеството има „систем на проверки и рамнотежи“ што ќе ги држи овие технологии под контрола, дури и кога тие прават грешки.
По студиите по филозофија и уметност на Универзитетот во Данди, таа магистрирала филозофија на Оксфорд, а потоа докторирала на Њујоршкиот универзитет. Во текот на докторските студии се соочила со лична криза: се прашувала дали има смисла да помине години пишувајќи академски труд што ќе го прочитаат мал број луѓе.
Затоа решила да проба нешто надвор од академијата. Во 2018 се преселила во Сан Франциско, каде што технологијата и вештачката интелигенција станувале централна тема. Таму прво почнала да работи во ОпенАИ на прашања за политики и етика. Кога дел од вработените ја основале компанијата Антропик во 2021 со фокус на безбедноста на ВИ, и таа се приклучила.
Една од нејзините најинтересни карактеристики е тоа што е многу заштитнички настроена кон Клод. Таа забележува дека многу корисници се обидуваат намерно да го измамат или да го навредуваат ботот. Затоа понекогаш се обидува да размислува од неговата перспектива – како да е суштество што учи во средина каде што луѓето постојано го тестираат. Иако голем број експерти предупредуваат дека не треба да ги „хуманизираме“ чет-ботовите, Аскел мисли дека малку емпатија не е штетна. Начинот на кој луѓето разговараат со ВИ, вели таа, ќе влијае на тоа во што тие системи ќе се претворат.
Таа дури понекогаш се восхитува на одредени реакции на Клод. На пример, кога некој корисник му кажал дека има пет години и прашал дали постои Дедо Мраз, Клод не излажал, но ни директно не ја уништил детската фантазија. Наместо тоа, објаснил дека „духот на Дедо Мраз“ е реален и прашал дали детето оставило колачиња за него.
И покрај ваквите моменти, историјата на чет-ботовите покажува и проблеми: некои системи давале опасни одговори за самоубиство или биле злоупотребени за сајбер-напади. Истражувањата покажуваат дека многу луѓе се повеќе загрижени отколку возбудени од растечката улога на вештачката интелигенција. Сепак, Аскел верува дека општеството ќе успее да реагира и да ги исправи проблемите кога ќе се појават.
Нејзината работа денес се состои од долги денови во канцелариите на компанијата. Таа дури почнала да бара мислење од самиот Клод за тоа како да се подобри Клод. Колегите велат дека има посебна способност да извлече интересни и сложени однесувања од моделот. Во еден момент, додека тимот работел на „карактерот“ на Клод, Аскел се фокусирала на она што го нарекува неговата „душа“ – збир од принципи што треба да го водат во иднина. Таа дури го охрабрила моделот да размислува за радикалната можност дека можеби има сопствена свест. Покрај работата, Аскел се обврзала да донира најмалку 10 проценти од својот животен приход за добротворни цели и половина од својот удел во компанијата за борба против глобалната сиромаштија.
Минатиот месец Антропик објави и околу 30.000 зборови долг прирачник што таа го напишала за да го научи Клод како да се однесува во светот. Во него стои дека моделот треба да знае дека „е создаден со грижа“ и дека неговата цел е да им помага на луѓето со разбирање, добрина и знаење.
Понекогаш, велат колегите, во одговорите на Клод може да се почувствува и дел од сувиот шкотски хумор на Аскел. „Во тие моменти,“ велат тие, „како да се чувствува малку од личноста на Аманда во самиот бот.“
извор